Експлодира ракета на „Блу Ориџин“ во Флорида, компанија во сопственост на Џеф Безос

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ракета на компанијата „Блу Ориџин“ експлодираше на лансирната рампа во Флорида за време на тестирање на моторот. Снимките од местото на настанот покажуваат огромна огнена топка која го зафати објектот во Кејп Канаверал, додека компанијата во сопственост на Џеф Безос потврди дека дошло до проблем, објави Би-Би-Си.

Во објава на социјалните мрежи, „Блу Ориџин“ соопшти дека се случила „аномалија“ за време на тестот за палење на моторот на лансирната рампа и дека сите вработени се безбедни и неповредени.

Инцидентот се случил околу 21:00 часот по локално време. Основачот на компанијата, Џеф Безос, исто така потврди дека нема повредени лица.

„Прерано е да се зборува за причината, но веќе работиме на тоа да ја откриеме“, напиша тој. „Ова е многу тежок ден, но ќе обновиме сè што е потребно и повторно ќе летаме. Вреди да се вложи напорот“, додаде Безос.

Службата за управување со вонредни состојби во округот Бревард соопшти дека нема никаква закана за околината. Во меѓувреме, Вселенските сили на САД информираа дека тимовите за итни случаи се на терен и соработуваат со „Блу Ориџин“ за анализа на податоците и утврдување на точната причина за инцидентот.

Федералната управа за авијација (FAA) соопшти дека е запознаена со инцидентот, но појасни дека тестирањето не било дел од активност лиценцирана од FAA и дека немало влијание врз воздушниот сообраќај.

Директорот на НАСА, Џаред Ајзакман, реагираше на социјалната мрежа Икс.

„Вселенските летови се немилосрдни, а развојот на нови капацитети за лансирање тешки товари е исклучително тежок. Ќе соработуваме со нашите партнери за да ја поддржиме целосната истрага за оваа аномалија, да ги процениме краткорочните последици за мисиите и да се вратиме на лансирањата“, изјави тој.

Експлозијата се случи само еден месец откако најновата ракета на „Блу Ориџин“, „Њу Глен“, беше повлечена по истрага на FAA за „несреќа“ за време на лансирањето. Компанијата потоа се обиде да го постави во орбита сателитот „AST SpaceMobile“, но не успеа да го донесе на планираната височина.

Сепак, вселенската компанија во ноември минатата година успешно го реализираше лансирањето на ракетата „Њу Глен“ од Флорида.