Експлозија целосно уништи фабрика во Тенеси, 19 лица се водат како исчезнати

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Деветнаесет лица се водат како исчезнати и се стравува дека се мртви откако експлозија што денес срамни со земја фабрика за експлозиви во американската држава Тенеси, соопштија локалните власти.

Шерифот на округот Хамфрис, Крис Дејвис, изјави дека експлозијата се случила во фабриката „Accurate Energetic Systems“, која ја снабдува војската, и дека тоа била една од најстрашните сцени што некогаш ги видел.

Тој рече дека повеќе лица се убиени. Не кажа колку, но го употреби терминот „души“ за 19-те исчезнати бидејќи службените лица сè уште разговараат со нивните семејства.

„Не можам да ви го опишам. Сè исчезна“, рече Дејвис за фабричкиот комплекс од осум згради распослан низ шумовитите ридови во областа Бакснорт, 60 милји југозападно од Нешвил.

Воздушните снимки покажаа зграда на врвот на рид како чади и остатоци од изгорени автомобили.

Луѓе што живеат на километри оддалеченост пријавиле дека ја почувствувале и слушнале експлозијата.

Сè уште не е познато што ја предизвикало експлозијата.

Локалниот републикански претставник Џоди Барет од блискиот град Диксон изјави дека е загрижен за економските последици од уништувањето на фабриката, која е клучен работодавач во областа.

„Accurate Energetic Systems“ се наоѓа југозападно од Нешвил, Тенеси, на границата меѓу окрузите Хикман и Хамфрис, и е специјализирана за производство на воени експлозиви.