Премиерот Христијан Мицкоски објави специјално видео во пресрет на одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Македонија.
Централниот дел од програмата е музичко-сценскиот спектакл „Силно светнал ден“, кој преку музика, глума и танц ја раскажува приказната за трите и пол децении независност, потсетувајќи на најзначајните историски моменти, предизвици и достигнувања.
Првата изведба ќе се одржи вечерва во 19:30 часот на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид. Спектаклот потоа ќе гостува во уште 10 градови низ државата.
Низ приказната за македонските успеси ја води публиката актерот и водител Игор Џамбазов, а настапуваат и Игор и Ана Дурловски, во придружба на Македонската филхармонија, како и актери од постарата и помладата генерација. Во програмата се вклучени и архивски снимки од значајни моменти од создавањето на независната држава.
Одбележувањето започна на 2 август – Илинден, а во рамките на програмата се најавени бројни концерти и културни настани.
На 11 август спектаклот ќе биде изведен во Битола, а на 12 август во Велес. На 15 август во Струмица ќе настапат „Меморија“, „Мизар“ и „Синтезис“, додека ден подоцна на истата локација се најавени настапите на Пол Ван Дајк и Пол Окенфолд.
На 1 септември на плоштадот „Македонија“ во Скопје ќе настапи Хозе Карерас, заедно со македонски музички ѕвезди и Оркестарот на Филхармонијата.
Кулминацијата на програмата е најавена за 4 септември на плоштадот „Македонија“, со настап на повеќе од 120 уметници, додека музичката програма ќе заврши на 8 септември со концерт на Дејвид Гета на стадионот „Тоше Проески“.
