Проширувањето на булеварот „Благоја Тоска“ продолжува, а на денот на почетокот на градежните работи градоначалникот на Тетово Биљал Касами рече дека се решени сите имотно-правни прашања.
-Имаме договори со сите сопственици, информирана е јавноста со судската одлука, секако дека покажавме подготвеност да се договориме со нив но немаше интерес и имаме правосилна судска одлука, како ќе реагираат граѓаните или други, органите треба да се занимаваат со таа работа, што се однесува до експропријацијата, сите договори се склучени, вели Касами.
Но, еден од сопствениците вели дека не е точно дека се решени сите имотно-правни прашања за булеварот „Благоја Тоска“. Семејството Рушити, низ чија куќа треба да помине булеварот, велат дека во текот на денешниот ден биле на судско рочиште за ова прашање.
-Со општината сме уште на суд, не е завршена работата. Ако ни даде слобода да направиме куќа, ќе го ослободиме патот и ние да ја средиме куќата. Досега не сме добиле дозвола, чекаме да ни дадат дозвола, аглите и улицата нека излегуваат каде сакаат, до каде ќе стигне, таму нека излегува.
-Има правосилна одлука на суд за уривање на куќата или не?
-Нема правосилна одлука во судот, вели Рушити.
Рушити вели дека со висината на средствата што ги нуди општината нема да може да изгради нова куќа, бидејќи со поскапувањето на градежните материјали, парите што ги дава општината за изградба се многу малку.
-Нешто повеќе, оваа сума е многу мала.
-Со таа сума можеш да изградиш?
-Со сумата што ни ја даваат тие, не можеме да направиме ништо.
Во текот на денот ТВ21 го праша судот во Тетово до каде е судскиот процес меѓу ова семејство и Општина Тетово, но ни беше кажано дека одговор ќе добиеме утре, бидејќи денеска се одвиваше судскиот процес. Неофицијално, ТВ21 дознава дека судското рочиште е одложено на неодредено време бидејќи странките не се согласуваат со одредената сума од општина Тетово. Затоа се очекува суд на терен да испрати правни експерти од Министерството за правда за проценка на имотот. Како што дознава ТВ21, општина Тетово на ова семејство му доделила околу 4 милиони и 700 илјади денари, цена што ја вклучува куќата и земјиштето со околу 350 метри квадратни.
