Користењето на електронските цигари или вејпови станаа нова епидемија меѓу младите. ТВ21 посети неколку училишта за да ја истражи загриженоста на родителите во врска со користењето на вјеп меѓу основците.
– Дали сте виделе некој да користи вјеп во училиштето?
– Да, имам видено.
– Во кои одделенија најмногу?
– Најмногу во деветтите, а има и во шесто.
– Од каде ги набавуваат? Дали ги има по продавници?
– Да, ги има.
– Дали сте виделе некој да користи шиша или вјеп?
– Не, не.
– Дали сте виделе некој друг?
– Да, има… не многу, но има… најмногу во деветтите одделенија, кај поголемите.
Цената на еден вјеп во продавниците што ги посетивме се движи од 400 до 1300 денари. Учениците доаѓаат и бараат да купат, претставувајќи се дека е за нивните родители.
– Дали има интерес од деца за купување на вјеп? Дали доаѓаат и прашуваат?
–Да, прашуваат, но не им продаваме на лица под 18 години, бидејќи тоа е забрането со закон.
– Што велат?
– Велат дека ги пратил родител или брат.
Претседателката на Советот на родители во едно основно училиште, Едмира Жагу Хани, вели дека има контроли во училиштата, но родителите бараат тие да бидат почести, бидејќи самите не можат да се справат со овој проблем.
„Досега имало неколку ненадејни контроли на учениците, што е важно да се истакне. Како родители, сметаме дека вакви контроли треба да има уште почесто за да се спречи оваа појава. Исто така, треба да се нагласи улогата на класните раководители, кои во текот на часовите за одделенска заедница веќе неколку недели разговараат со учениците на оваа тема“, вели Едмира Жагу Хани.
Здравствените експерти предупредуваат за штетите што ги предизвикува вејпот.
„Децата го прифаќаат ова како навика, од суета или од којзнае што друго. Но, вдишувањето на чадот од „шиша“ и електронските цигари очигледно остава последици. Пареата што се вдишува од овие уреди негативно влијае на мускулатурата на органите за дишење. Иако не ги оштетува на ист начин како обичните цигари, сепак придонесува кон оштетување на дишните патишта“, вели Зеќирија Шаини.
Според истражување од 2020 година, објавено во списанието „Toxics“, патроните за вејп содржат повеќе од 500 хемикалии, од кои повеќето се канцерогени.
