Националната нафтена компанија на Абу Даби (ADNOC), државната енергетска компанија на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), купи милиони барели сурова нафта од ирачката државна нафтена компанија SOMO по намалена цена, според три извори запознаени со случајот.
Во текот на август и првата половина на септември, ADNOC беше најголемиот купувач на ирачка нафта преку својот оддел за тргување, изјавија извори од ирачкиот енергетски сектор. Набавките на ADNOC го поттикнаа ирачкиот извоз, кој претходно беше значително намален поради војната на Блискиот Исток, забележува Ројтерс.
Во август, компанијата од ОАЕ се договори за купување на 32 милиони барели ирачка нафта со попусти кои се движеа од 24,90 до 27 долари по барел. Таа купи уште 40 милиони барели во септември, вклучувајќи 10 милиони барели со попуст од 18 долари по барел и 30 милиони барели со попуст од 25 долари по барел, изјави еден од ирачките извори.
Иако ирачката компанија SOMO му додели 32 милиони барели на ADNOC за август, енергетскиот гигант од ОАЕ презеде само 20 милиони барели поради ограничувањата во извозот и неможноста на Нафтената компанија од Басра (Basra Oil Company) да обезбеди доволни количини сурова нафта, изјави втор ирачки извор.
Од почетокот на септември, ADNOC презеде 14 милиони барели ирачка нафта, додаде изворот.
Трет извор наведе дека ADNOC купил приближно 20 милиони барели сурова нафта од ирачката SOMO преку тендер – со попуст од 25 до 27 долари по барел – за испорака во периодот меѓу септември и октомври. И други компании купуваат ирачка сурова нафта. SOMO понуди пратки за товарење во август со големи попусти, привлекувајќи и други купувачи – вклучувајќи ги кинеските државни гиганти PetroChina и Zhenhua Oil, француската TotalEnergies, како и трговските куќи Vitol, Trafigura, Mercuria и Cathay Petroleum – како што претходно за Ројтерс изјавија извори од секторот за тргување.
