Пентагон разгледува план за повлекување на авиони, воени бродови, оружје и десетици илјади американски војници од Европа, и покрај предупредувањата на сојузниците во НАТО за растечката закана од руската агресија, објави NBC, повикувајќи се на седум актуелни и поранешни западни и американски официјални лица.
Станува збор за можно повлекување на околу една третина од американскиот контингент, односно приближно 25.000 војници, додека некои извори тврдат дека бројката би можела да достигне и до половина од американските сили во Европа – до 40.000 лица.
Доколку планот биде спроведен, тоа би било најголемото намалување на американското воено присуство на европска територија од крајот на Студената војна, во време кога во континентот се распоредени околу 80.000 американски војници.
Намалувањето на силите најмногу би ги погодило Германија, Италија и Шпанија, земји во кои се наоѓаат повеќето американски бази. Лидерите на овие земји претходно се судрија отворено со американскиот претседател Доналд Трамп поради нивното одбивање да се приклучат на американската војна против Иран.
Трамп со месеци тврди дека Европа треба да преземе водечка улога во сопствената одбрана, додека американските капацитети сè повеќе се потребни за справување со Кина, Иран и наркокартелите.
