Иако и премиерот но и од надлежните во државните институции постојано не потсетуваат дека не очекува тешка зима со енергетска криза, во која е можно да се соочиме со недостиг на електрична енергија и дека се можни и рестрикции, сепак во овој период кога може да се заштеди тоа не се прави. На ова укажува Јане Димески, советник во град Скопје од граѓанската иницијатива Шанса за Центар, кој вели дека во периоди кога се уште има дневна светлина непотребно се вклучуваат уличните светилки.
„Велат дека е енергетска криза, но ако погледнете наоколу, па и не изгледа баш така. Имено, сега е 19 часот и 20 минути, надвор е дневно светло а уличното осветлување веќе работи. Истото се случува и наутро. Имено имаме дневно светло па и пред 5 часот а светилките работат до некаде 5 часот и 25 минути“, рече Димески.
Иницијатива да се исклучат светлата на фасадите на државните институции имаше, но не е преземено ништо конкретно. Често пати се случува канделабрите во паркот Жена борец да светат и преку цел ден, иако властите постојано упатуваат на тоа дека треба да се штеди електрична енергија. Димески вели дека во овој летен период кога сонцето изгрева рано и заоѓа подоцна, може да се заштеди електрична енергија со тоа што уличното осветлување ќе се намали барем за еден час.
„Ако почнеме да ги вклучуваме половина час подоцна светилките и ги исклучуваме половина час порано ќе успееме да го намалиме јавното осветлување за околу еден час на ден, односно да не работи во периодот кога нема потреба од него како што е сега на пример. Според нашите пресметки тоа ќе ни заштеди од 100 до 150 евра на ден или меѓу 3 и 4 илјади евра месечно, според сегашните цени на струјата.“, рече Димески.
Испративме прашање до Службата за односи со јавност на Град Скопје, дали се планира да се преземе нешто во насока на штедење електрична енергија и во летниот период и да се намали барем за еден час. Драгана Каловска, портпарол на Град Скопје вели дека со самото отпочнување на енергетската криза, Град Скопје започна со спроведување на мерки за штедење со димирање на ЛЕД светлата на уличното осветлување на максимум до 70% од моќноста, во интерес на генерирање заштеди на електричната енергија, но дека нема да има рестрикции во уличното осветлување.
„Градот во интерес на сигурноста и безбедноста на граѓаните не планира исклучување на јавното осветлување во вечерните часови на булеварите под градска надлежност. Во завршна фаза се сетот на итни мерки за заштеда на енергија, прв од ваков вид во Македонија. Спроведено е кратење на непродуктивните трошоци на Град Скопје, со цел да се заштедат средства кои би можеле да се стават во функција на надминување на енергетската криза, а со цел и покрај тешките состојби сред економска и енергетска криза да нема кратења од проектите кои е важно да се реализираат во интерес на граѓаните“, вели Драгана Каловска од Град Скопје.
Градоначалникот на Карпош Стевче Јакимовски уште пред неколку месеци презеде драстични мерки на штедење електрична енергија па целосно го исклучи уличното осветлување во општината ноќе. Тој тогаш рече дека на таква мерка се одлучил поради екстремно високите сметки за струја.
