Европскиот парламент во вторникот усвои резолуција за Албанија, во која побара од земјата веднаш да воведе мораториум на новите дозволи и градежни активности во заштитените подрачја на земјата. Во меѓувреме, претходен амандман во кој се споменуваше развој на проект поддржан од зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, не беше усвоен.
Конечната верзија усвоена во вторникот не споменува ниту еден конкретен проект, туку зборува за зачувување на заштитените подрачја и доаѓа во време на протестите во земјата против изградбата на туристички ресорт во заштитената зона Пиша Поро–Нарта, во југозападна Албанија, поради загриженост за животната средина и сопственоста на земјиштето.
ЕП соопшти дека изразува „сериозна загриженост за неодамнешните случувања во заштитените подрачја во Албанија, кои ги илустрираат практичните последици од законските измени во законодавството за заштитени подрачја и ризиците што овие случувања ги претставуваат за подрачјата со признати еколошки вредности“.
Во амандманот на резолуцијата се споменуваат и „континуираните мирни протести поврзани со овие случувања“ и се повикуваат албанските власти веднаш да донесат мораториум на сите нови дозволи, градежни работи и развојни интервенции во рамките на заштитените подрачја, сè до целосна и независна проценка на еколошките и правните последици.
Исто така, се бара укинување на измените направени во 2024 година во Законот за заштитени подрачја.
„Се бара укинување на измените од 2024 година во Законот за заштитени подрачја, кои дозволуваат развој на туристичка инфраструктура од големи размери во рамките на заштитените подрачја и пренесуваат важни надлежности за управување и одлучување на Националниот совет за територија, со што се ослабува еколошкиот надзор“, се наведува во амандманот.
Само пред неколку дена Европската комисија изрази загриженост дека планираниот проект во заштитената зона Пиша Поро–Нарта може да има еколошки последици што се спротивни на процесот на преговори за членство меѓу Албанија и Европската Унија.
Во последните две недели во Тирана, Валона и други градови се одржуваат протести против изградбата на ресорт во оваа заштитена зона, поради загриженост за животната средина и сопственоста на земјиштето.
Демонстрантите бараат поништување на проектот во Зврнец и оставка на владата на премиерот Еди Рама.
Специјалното обвинителство спроведува истрага поврзана со договорите за продажба на земјиштето каде што треба да се реализира проектот.
Реакции околу амандманот
Премиерот Еди Рама го оцени амандманот како потврда за силната европска поддршка за процесот на интеграција на земјата и гарантираше дека Вјоса–Нарта ќе биде заштитена.
„Во секој случај, фламингата ќе бидат заштитени, Вјоса–Нарта ќе биде заштитена, Зврнец ќе се развива врз основа на Проценка на влијанието врз животната средина според стандардите на Европската Унија и ние ќе продолжиме да ја искачуваме Албанија кон врвот каде што се наоѓа домот на Обединета Европа“, изјави Рама, нагласувајќи дека протестот започнат за фламингата завршува како борба за власт во нивно име.
Од друга страна, организаторите на протестите против проектот во Вјоса–Нарта го сметаат за победа усвојувањето на амандманот што бара прекин на новите интервенции во заштитените подрачја.
Парламентарната седница во Стразбур ја следеа и еколошката организација BirdLife Europe и Друштвото за зачувување и заштита на природната средина во Албанија (PPNEA), кои беа активно вклучени во прашањето за градбите во заштитените подрачја.
„Денес Европскиот парламент застана на страната на илјадници Албанци на улиците на Тирана. Ова гласање испраќа јасна порака дека не може да се приклучите кон ЕУ уништувајќи заштитени мочуришта и заобиколувајќи ги сопствените закони. Заштитата на Вјоса–Нарта и почитувањето на Директивите за птици и живеалишта се основен услов за членство во ЕУ“, изјави Анук Пујмартен, шефица за политики во BirdLife Europe.
Додека претставникот на PPNEA, Јони Ворпси, изјави дека повикот на Европскиот парламент за итен мораториум е токму она што е потребно во борбата за заштита на Вјоса–Нарта.
Измените во законот за заштитени подрачја овозможија одобрување туристички и инфраструктурни проекти во неколку крајбрежни подрачја во јужна Албанија како Паласа, Јала, Звернец и други. Ова предизвика постојана загриженост кај еколошката заедница и европските институции.
Во резолуцијата на ЕП се изразува жалење и за продолжувањето на рокот на Законот за стратешки инвестиции.
„Неговите одредби овозможуваат забрзани процедури за дозволи и поограничени еколошки контроли, што ризикува негативно да влијае врз заштитените и другите еколошки чувствителни подрачја.“
Рама претходно изјави дека овој закон ќе биде укинат откако ја исполнил својата цел. Тој рече дека на земјата повеќе не ѝ е потребен овој закон бидејќи големи инвеститори веќе доаѓаат и немаат потреба од поволностите што ги нуди. Тој нагласи дека се работи на нов закон за инвестиции заедно со Европската Унија.
Во меѓувреме, резолуцијата на ЕП го пофали напредокот на Албанија во процесот на европска интеграција.
Сепак, се нагласува дека овој напредок мора да биде придружен со ефективна и одржлива примена на реформите во пракса, особено во областа на владеењето на правото, борбата против корупцијата и функционирањето на демократските институции.
Исто така, се повикуваат владејачкото мнозинство и опозицијата во Албанија конструктивно и инклузивно да спроведат целосна изборна реформа, во тесна соработка со граѓанското општество, како и целосно да ги спроведат неприменетите препораки на ОДИХР и Венецијанската комисија.
Се охрабрува посилен парламентарен надзор врз извршната власт и се потсетува дека пратеничкиот имунитет е дел од уставната рамка на Албанија и е создаден за да гарантира правилно функционирање на демократските институции. Исто така, се повикува Албанија да постигне решителен напредок во првичната регистрација на имотот. Се изразува жалење што неформалната економија го попречува деловното опкружување и конкуренцијата.
Албанија е земја кандидат за членство во ЕУ од 2014 година. Преговорите за членство ги започна во јули 2022 година и ги отвори сите преговарачки кластери.
Рама изјави дека Албанија има цел да ги заврши преговорите за членство со ЕУ до крајот на 2027 година, а земјата да стане членка до 2030 година.
