Епидемија на западнонилска треска во 5 скопски општини – специфичен лек не постои, граѓаните да користат спрејови против комарци

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Прогласена епидемија на Западнонилска треска во неколку скопски општини и тоа во Кисела Вода, Аеродром, Гази Баба, Бутел и Илинден, но и покрај тоа здравствени власти порачуваат дека нема место за паника. На клиниките досега се хоспитализирани 29 лица, а има и еден починат, тоа е лице на 83-годишна возраст кое имало и дополнителни заболувања. Директорот на Инфективна болница Фадиљ Цана рече дека на Клиниката има уште лица кои се во тешка состојба, но појасни дека специфичен лек за овој вирус не постои, па тие се третираат според нивната клиничка слика. Како симптоми се јавуваат висока температура, силна главоболка и конфузност, рече Цана.

„Уште петмина пациенти се со тешка клиничка слика и се наоѓаат во Одделот за интензивно лекување и се на механична вентилација. Полесните клинички случаи добиваат симтоматска терапија и цело време нормално се третираат и се проценува нивната здравствена состојба, додека кај тие што појавуваат потешка клиничка форма се лекуваат во Одделот за интензивно лекување“, вели Фадиљ Цана.

Од Центарот за јавно здравје Скопје велат дека причина за прогласувањето на епидемија е тоа што во периодов има зголемен број на случаи со заразени од западнонилска треска која се пренесува од комарец. За таа цел извршени се и дополнителни прскања на град Скопје особено реонот на Драчево каде беа забележани поголем број случаи. Мерки ќе се преземаат и во отстранување на застоени води кои се легло на комарците.

„Едно од мерките предвидува и отстранување на сите оние садови, предмети или делови каде што се собира водата, каде што можат да се развијат комарците, сите оние површини како базени или фонтани или други останати водени површини. Во правец на тоа институциите може да се вклучат во отстранување на бари или застоена вода“, вели Златко Арсениевски.

Марија Гочевска од Институтот за јавно здравје пак со препораки до граѓаните да користат спрејови против комарци и граѓаните, особено до земјоделците да избегнуваат места каде што има зеленила.

„Она што сакав да го посочам сега, поради горештините тие бираат моменти на раните утрински часови и вечерните часови да ги обавуваат земјоделските активности, поготово ако се поврзани со влегувања во подрачја каде што има густо зеленило, насади и такви работи, постои опција да се концентрираат комарците таму. Да користат и репелентни средства бидејќи не постои друг начин како да се заштитат во моментот“, вели Марија Гочевска.

Инаку од Општина Кисела Вода соопштија дека се врши акција против ларви од комарци, а за в петок ќе има третман против возрасни комарци особено на подрачјето на населбата Драчево.