ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани, поради состојбата со епидемијата предизвикана од водата. „Дали Лимани има срам и дали чувствува морална одговорност за овој скандал?“ – прашува Петрушевски од владејачката партија.
„Дали се срами Валбон Лимани, градоначалникот на Гостивар, да каже дека не чувствува никаква морална одговорност за скандалот со водата? Кандидатот на Филипче, Ахмети и Таравари, Валбон Лимани, вчера изјави дека не чувствува никаква морална одговорност за скандалот со водата, во кој директно беше погоден целиот град Гостивар. Со какво лице се појавува пред своите сограѓани и без срам вели дека не е одговорен за грешките на луѓето што самиот ги назначил да раководат со јавните претпријатија?“ – вели Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
И албанската владејачка партија ВЛЕН бара одговорност за труењето на гостиварци од загадената вода.
„Секој што, со дејствување или недејствување, придонел за овој скандал, треба да одговара пред правдата. Здравјето на илјадници граѓани на Гостивар е нарушено како последица на негрижата и лошото управување, а тоа не смее да помине без одговорност, како што се случувало многупати во минатото. Очекуваме темелна, независна и сеопфатна истрага која целосно ќе го расветли случајот“, велат од ВЛЕН.
Од друга страна, претседателот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, го посети Гостивар, од каде што го постави прашањето со каква вода се служат кафулињата и рестораните.
„Кој сега управува со состојбата кога нема директор во јавното претпријатие? Второто прашање е – како функционираат рестораните сега, со каква вода се мијат чиниите и садовите за јадење? Со каква вода ги услужуваат рестораните во кои има масовни собири или свадби, кои се многу актуелни во овој период? Гледаме дека водата за пиење е забранета и има препорака да се користи техничка вода. Која е таа техничка вода?“ – вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Попладнето реагираше и опозициската ДУИ, изразувајќи длабока загриженост поради сериозниот ризик за здравјето на граѓаните, нагласувајќи дека се работи за основно човеково право, а секој институционален пропуст во неговото гарантирање е неприфатлив.
Надлежните институции треба веднаш да постапат, одговорно и со целосна транспарентност, за да го утврдат изворот на контаминацијата, институционалната одговорност и да разјаснат дали навремено се преземени сите неопходни мерки за заштита на граѓаните. Секое одложување или прикривање на информации само ја зголемува несигурноста и ја нарушува довербата на јавноста, велат од ДУИ.
Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, во статус на Фејсбук напиша:
„Не сум заинтересиран за политичка трка на грбот на народот. Анализите ќе ја покажат вистината, а не партиските изјави“, изјави Арбен Таравари, претседател на АА.
Градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани, вчера побара случајот да не се користи за политички цели.
