Есенско-зимскиот период носи нови компликации – во пораст бројот на ковид дијагностицирани без рестрикции

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Полицискиот час, локалните карантини и затворањето на општини давало резултат во справувањето со коронавирусот. Во периодот по укинувањето на истите, бројот на заразени рапидно расти. Од направената анализа на ТВ21 во последните 15 недели, може да заклучиме дека периодот по укинувањето на рестрикциите, бројот на новозаразени на неделно ниво стигнувал до 250, а последниве 11 недели бројот не е помал во просек од 960 заболени за една недела.

Токму овие бројки го вклучија и алармот кај здравствените власти кои пак прстот за растот на новозаразени го вперуваат кај граѓаните кои не носат заштитна опрема.

„Меѓутоа она што ме загрижува е едно континуирано непочитување на мерките од страна на населението и нешто што стално го кажуваме дека институциите кои треба да контролираат, треба да казнуваат мора да си ја завршат својата работа“, истакна Жарко Караџовски.

А институцијата која треба да казнува е Министерството за внатрешни работи. Според нивната евиденција пак во просек дневно се казнуваат 440 лица поради неносење на заштита опрема. Нема податоци каде е најголем бројот на изречени казни.

Почитувањето на мерките значи и поддршка на медицинскиот персонал, кои пак велат дека немаат резерва и веќе со месеци работат со непроменето темпо. Во текот на есента се очекува појава и на останатите респираторни заболувања, што би значело дополнителен товар на здравствениот систем.

„Ние сме свесни дека доаѓа респираторни вируси во есенско-зимскиот период. Тоа значи од октомври натака започнуваат вириози, респираторни вируси, пара инфлуенца и инфлуенца. Кога ќе дојде инфлуенца тоа значи околу новогодишните и божиќните празници ќе ни се случи еден втор бран во кој со сигурност ќе имаме зголемен капацитет на хоспитализација на болни и ќе се искомплицира состојбата“, посочи Жарко Караџовски.

Поради ова, веќе се размислува и за воведување на нови рестриктивни мерки во периодот кој следува, кои пак според информациите ќе бидат на локално ниво, односно таму каде што има најголем број на активни случаи. Такви во моментов со над 200 заболени се: Гостивар, Куманово, Штип, а потоа следуваа и градовите Струга, Тетово, Кичево и Кавадарци кои имаат до 200 активни случаи.