ЕСМ ќе обезбеди 70 наместо 100% струја за универзалниот снабдувач догодина – Божиновска: Очекувам намалување на цената на струјата за граѓаните

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од следната година ЕСМ ќе обезбеди за Универзалниот снабдувач максимум 70 наместо сегашните 100 проценти од потребната електрична енергија за снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи. Ова е дел од обврските пропишани со Реформската агенда. Останатите 30 проценти ќе треба да се обезбедат на отворениот пазар каде цените варираат. Но, министерката за енергетика Сања Божиновска е оптимист. Вели, со оглед дека цената на струјата на берзите во моментов е нула и ја има, очекувам намалување на цента на струјата за граѓаните. Но, ако има осцилации, вели секако имаме план бе.

-Ако ги гледаме цените како се нула во овој период и колку многу има повеќе електрична енергија и дека веќе и Грција извезува јас мислам дека може да се очекува намалување на овие цени. Меѓутоа тоа е сепак берза што значи дека на берза може да има и скокови и падови и некој тренд е дека сега има многу ниски цени и нули, изјави Сања Божиновска, министерка за енергетика.

Какви би биле евентуалните промени на тарифните блокови за електрична енергија кои беа воведени за време на претходната енергетска криза, за сега не се знае. Првата изјава на новиот претседател на Регулаторната комисија за енергетика беше дека тие ќе се преиспитуваат. Божиновска е децидна дека тоа е одлука на Регулаторна, но ако побараат ќе дадат свое мислење.

-Блоковите беа донесени кога цените на електричната берза изнесуваа 700,800 или 1.000 евра за мегават час. Сега имаме комплетно друга слика, односно имаме цени нула. Регулаторната комисија за енергетика е одговорна за блоковите. Они ги дефинираат они прават истражување и што се случува. Ако не повикаат ние секако ќе дадеме наше мислење. Меѓутоа целта е една и единствена, граѓаните да имаат пониски сметки, што се надевам дека и Регулаторна го има тоа. Со овие евтини што ги гледаме сега цени, се надевам дека би можело да има некоја промена, изјави Сања Божиновска, министерка за енергетика.

Сега мегават-час за домаќинствата и малите потрошувачи ЕСМ го продава на Универзалниот снабдувач по цена од 65 евра, додека производната цена на компанијата е нешто околу 100 евра. Оваа цена наместо за половина како претходно, важи за цела 2026 година. Нова корекција на цените на струјата ќе има за идната година.