ЕСМ возвраќа на Коларевиќ: За „Мазут“ нѐ повикаа, за штетата – никогаш

НАЈНОВИ ВЕСТИ

АД ЕСМ најави приговор до Вишото јавно обвинителство, откако обвинителката Катерина Коларевиќ ја прекина истрагата за предметот „Мазут“, повикувајќи се, меѓу другото, и на искази од претставници на компанијата дека немало штета и дека договорите биле реализирани согласно правилата.

Во интервју за 360 степени, Коларевиќ изјави дека претставници на ЕСМ и на ТЕЦ „Неготино“, овластени од актуелните директори, во обвинителството потврдиле дека „немало проблеми во динамиката на испорака“ и дека „договорите биле целосно испочитувани“.

„Особено значајно е што претставници на АД ЕСМ, како субјект кој според пријавата требало да биде оштетен, јасно изјавија дека штета нема“, изјави Коларевиќ.

Од ЕСМ, пак, реагираат дека обвинителката „паушално го спровела вештачењето“ и неосновано ги толкувала исказите на инженерите кои биле повикани единствено да ги објаснат техничките аспекти на набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“.

„Лицата повикани во предистражната постапка не биле ниту овластени ниту компетентни да даваат оценки за евентуална финансиска штета“, соопштија од ЕСМ, додавајќи дека на техничките лица не им биле презентирани економските вештачења пред нивното сослушување.

Според државната компанија, нивните технички претставници само потврдиле дека произведената електрична енергија соодветствувала на потрошениот мазут, но не и дали набавката била економски оправдана и во согласност со тендерските услови.

Од ЕСМ тврдат и дека никогаш не им биле доставени економско-финансиските вештачења во текот на постапката, туку дури по нејзиното запирање, што според нив претставува суштинска повреда на постапката.

Во интервјуто за 360 степени, Коларевиќ наведе и дека дел од осомничените, кои биле вработени во ЕСМ, доставиле документација од Секторот за производство со која се потврдувала законитоста на постапките.

Таа посочи дека обвинителството во неколку наврати барало дополнителни докази од ЕСМ за евентуална штета, но такви, според неа, не биле доставени.

„Кривичната постапка не смее да се води врз претпоставки, туку врз докази што можат да издржат судска проверка“, изјави Коларевиќ.

Предметот „Мазут“ се однесува на истрага против 13 лица, меѓу кои и бизнисмените Ратко Капушевски, Асмир Јахоски, Ерџан Сулкоски и поранешниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски. Тие беа осомничени за злоупотреба на службена положба и перење пари поврзани со набавка на мазут за време на енергетската криза од 2021 до 2023 година.