ЕУ амбасадорот Михалис Рокас денеска во посета на Штип

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, денеска ќе престојува во работна посета на Штип, во рамки на иницијативата за доближување на европските политики и процесот на евроинтеграција до локалните заедници низ државата.

За време на посетата, Рокас ќе оствари средба со градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, како и со членовите на Општинскиот совет. На средбите ќе стане збор за придобивките од членството во Европската Унија, тековниот процес на интеграција на земјата и конкретните ефекти од европската финансиска поддршка врз развојот на локалната заедница.

Во фокусот на разговорите ќе бидат и проектите реализирани со поддршка од ЕУ, како и можностите за понатамошна соработка и инвестиции во регионот.

Во рамки на агендата, амбасадорот ќе се сретне и со претставници на граѓанскиот сектор, по што ќе учествува на отворена дискусија со граѓаните на Штип. Целта е да се овозможи директна комуникација за прашањата поврзани со европските интеграции и улогата на Европската Унија во поддршката на реформските процеси во земјата.

Посетата е дел од пошироките активности на Делегацијата на Европската Унија насочени кон зајакнување на дијалогот со локалните заедници и поголема информираност на граѓаните за европските политики и можностите што ги нуди евроинтегративниот процес.