ЕУ донира 18 возила во вредност од 700.000 евра – Инспекторатот за транспорт полесно ќе ги контролира патиштата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Осумнаесет возила, од кои две специјално опремени за следење е донацијата што Европската унија и ја даде на Инспекторатот за транспорт. Донацијата вредна 700 илјади евра ја предаде евроамбасадорот Михалис Рокас на министерот за транспорт Александар Николоски. Со помош на Европската унија и грант од речиси 13 милиони евра од механизмот за поддршка од Европската унија веќе се работи на инсталирање интелигентни транспортни системи на Коридорот 10, по што ќе се продолжи и на Коридорот 8.

„Се работи за возила кои што се опремени со ИТ опрема и исто така тие се наменети со цел да помогнат на напорите на Министерството за транспорт за подобра безбедност на патот и проверките на патот . Исто така денешната донација се вклопува во иницијативата на „Безбеден град“ така што ја мислам дека со испораката на 18 возила, а наскоро се очекува испорака и на други дополнителни возила покажуваме како најдобро се користат грантовите на Европската унија“, рече Рокас.

„Со овие 16 специјално опремени патнички моторни возила и две специјално опремени патнички моторни возила за следење како и едно специјално адаптирано комбе кое што ќе треба да е како контролен центар за овие 18 возила целосно ќе може Инспекторатот да ја заврши својата работа што ќе значи повеќе безбедност на патиштата, ќе значи побрз и поефикасен инспекциски надзор , ќе значи заштита на патиштата имајќи предвид дека ќе се контролира зголемената и прекумерна тежина на камионите, ќе се контролира превозот на опасни стоки“, рече Николоски.