Над 50 возила учествувале во две одделни верижни сообраќајни несреќи на автопатот „Тракија“ во Бугарија, во кои животот го загубиле 11 лица, а 48 се повредени. Трагедијата се случила утрово, а бугарските спасувачки и медицински екипи се на терен и работат на згрижување на повредените.
Бугарскиот премиер Румен Радев го потврди бројот на загинати и повредени, по што најави дека поради несреќата ги откажува планираните активности, со исклучок на средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Варна.
Првата пријава за сообраќајна несреќа била примена околу 7:10 часот, на делницата во правец кон Бургас. Само неколку минути подоцна била пријавена и втората верижна несреќа, на коловозните ленти во правец кон Софија.
Според првичните информации на бугарските медиуми, една од можните причини за масовните судири е густата магла, која значително ја намалила видливоста на патот.
Во спасувачките операции се вклучени екипи на итната медицинска помош од Јамбол, Сливен и Бургас. Истовремено се координира и воздушен медицински транспорт за повредените, кои треба да бидат пренесени во болниците во Софија.
Надлежните служби продолжуваат со интервенциите на местото на несреќите, а состојбата со повредените се следи.
