ЕУ донира апаратура за болниците во земјава – Филипче: Заврши времето кога пациентите одеа од град во град

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Европската унија ја олесни работата на лекарите и услугите за пациентите во Кичево кои „талкаа“ од град во град за да направат компјутерска томографија. Сега томографските снимања ќе можат да ги направат во болницата во Кичево. Градот за првпат добива ваков вид апарат. Европратеникот Дејвид Гир, рече дека направиле низа донации за болниците во земјава, бидејќи утврдиле дека апаратите за томографија и магнетна резонанса се повеќе од потребни.

„Самиот слоган „ЕУ со тебе“ значи дека ЕУ може да даде поддршка, поддршка која навистина ќе го промени животот на вашите граѓани. Целта на овие медицински апарати е рано дијагностицирање на болестите“, истакна Дејвид Гир.

Амбасадорот на Холандија, Коп, рече дека овие инвестиции ќе ги модернизираат процесите во земјава.

„Овој проект ја докажува посветеноста и залагањето на ЕУ и земјите-членки за модернизација на процесите во земјава“, вели Дирк Јан Коп.

Министерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека со оваа опрема го оставаме зад себе времето кога пациентите се испраќаа за снимање од еден во друг град.  

Вакви донации добија и други градови. Три апарати за магнетна резонанса и 5 компјутерски томографи ќе бидат поставени во болниците во Кичево, Струмица, Прилеп, Охрид, Куманово, Гевгелија, Кавадарци и на Клиниката за пулмологија. Министерот за здравство, истакна дека веќе започнале активностите од втората фаза за изградба на новата болница во Кичево.