Градоначалничката Данела Арсовска ја поздрави владината најава за набавка на стотина електрични автобуси. Сепак, таа оцени дека ваквата реакција е задоцнета. Арсовска повтори дека пред Советот на Градот постојано како точка на дневен ред веќе две години стои нејзиното предизборно ветување за набавка на автобуси, дадено заедно со ВМРО-ДПМНЕ. Но, за ова нејзино барање не се постапува поради, како што вели, или политички агенди или апсирации за коруптивно однесување.
„Доколку еве сега конечно има таква најава, сметам дека се е подобро од она што досега се случува иако веќе за три години можевме да имаме секоја година по 50 нови автобуси, тоа се веќе 150 автобуси коишто ги немаме, а севкупно требаше да бидат 250 како ветување на сегашниот премиер коешто го имаше дадено заедно со мене“, изјави Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје.
„Дека можело порано, секогаш можело, но подобро касно отколку никогаш“, вели Изет Меџити, министер за животна средина.
Арсовска и Меџити заедно присуствуваа на презентацијата на шесте нови еко-автобуси, донирани на ЈСП, преку програмата „ЕУ за чист воздух“.
„Најдобро е да направиме јавниот превоз да загадува што е можно помалку. Ова е целта на проектот, преку давање на овие шест автобуси кои малку загадуваат целиме да ги приоретизираме потребите, но и конфортот на луѓето кои користат јавен превоз. Колку повеќе луѓе изберат јавен превоз, имаме повеќе шанси за зачувавање на средината“, изјави Михалис Рокас, евроамбасадор.
Инаку, како што вели Арсовска, долгот на централните власти кон ЈСП од јануари идната година ќе изнесува десет милиони евра и Советот треба да дискутира дали воопшто ќе има бесплатен превоз и за студентите , а не пак за сите.