ЕУ предлага забрана за влез на Руси кои учествувале во војната во Украина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Европската Унија предлага воведување забрана за влез на руски државјани кои служеле во руските вооружени сили од почетокот на војната во Украина, како дел од новиот, 21-ви пакет санкции против Москва.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека целта на мерката е да се осигури дека „Европа ќе остане недостапна за секој што учествувал во инвазијата врз Украина“.

„За првпат предлагаме забрана за влез во Европската Унија за сите лица кои служеле во руските вооружени сили од почетокот на војната“, изјави фон дер Лајен.

Покрај визичните ограничувања, новиот пакет санкции предвидува продолжување на ограничувањето на цената на руската нафта, како и мерки против криптовалутни платформи, банки и трговци кои ѝ помагаат на Русија да ги заобиколува постојните санкции.

Според Европската комисија, ограничувањето на цената на руската сурова нафта ќе остане на сегашното ниво од околу 44 американски долари по барел до јануари следната година. Целта е да се спречи Кремљ да профитира од порастот на светските цени на нафтата предизвикан од конфликтите на Блискиот Исток.

„Ова ќе им даде време на нафтените пазари да се стабилизираат, а истовремено ќе го задржи притисокот врз приходите на Русија“, нагласи фон дер Лајен.

Европската Унија планира дополнително да санкционира уште 30 танкери од таканаречената „сенковна флота“ што Русија ја користи за извоз на нафта. На листата на нови ограничувања би можеле да се најдат и одредени видови риба од Русија, меѓу кои полок и бакалар.

Брисел исто така има намера да ги заостри мерките против компании од трети земји кои ја снабдуваат руската воена индустрија. Според европски претставници, новите ограничувања би опфатиле уште 14 компании од континентална Кина и Хонг Конг.

И покрај тоа што руската економија досега успеваше да се справи со повеќекратните санкциски пакети, европските власти сметаат дека економскиот притисок врз Москва постепено се зголемува.

„Цената што Русија ја плаќа станува сè повисока и најмногу ја чувствуваат граѓаните на Русија, кои се соочуваат со загуби и пад на животниот стандард“, изјави фон дер Лајен.

Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, оцени дека западните санкции ѝ нанеле на Русија економска штета од околу 1,5 трилиони долари од почетокот на војната.

Предлогот за новите санкции сега ќе биде разгледан од 27-те земји членки на ЕУ, а за негово усвојување е потребна едногласна поддршка.