ЕУ со центри за вештачка интелигенција на Западен Балкан – Фон дер Лајен: „Фабрики“ за ВИ во Скопје и Белград

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Европската унија ќе отвори две „фабрики за вештачка интелигенција“, како центри за развој на вештачка интелигенција на Западен Балкан. Веста ја соопшти претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Форумот за инвестиции ЕУ-Западен Балкан, кој се одржува во Тирана. Таа најави и дека целиот регион ќе биде покриен со нова брза дигитална инфраструктура, која ќе им овозможи на компаниите од сите шест земји од Западен Балкан директно да се поврзат со европските центри за вештачка интелигенција.

„Ќе отвориме фабрики (центри) за вештачка интелигенција и за Западен Балкан. Ќе започнеме со две „антени“, едната во Северна Македонија и другата во Србија, како дел од поширока иницијатива за вклучување на регионот во технолошкиот развој на Европа. Ова ќе им овозможи на компаниите од сите шест земји на Западен Балкан да се поврзат со овие фабрики. Тоа значи дека вашите компании ќе можат да пристапат до европската инфраструктура за вештачка интелигенција директно тука во регионот.“, вели Урсула фон дер Лајен.

Изјавата на претседателката на Европската комисија ја поздрави и премиерот Христијан Мицкоски. Тој рече дека станува збор за проект што го води Владата, односно Министерството за дигитална трансформација.

„Ова е нешто за кое сум навистина возбуден и среќен. Околу 5 милиони евра кофинансирање, практично нашите експерти, студенти, професионалци ќе можат да ги користат и апсорбираат ресурсите што ги има самата ЕУ и добро е што претседателката фон дер Лајен го најави ова, бидејќи станува збор за два проекти – едниот проект е добиен од Македонија, а другиот од Србија. Досега ги користевме искуствата и ресурсите од соседните земји, сега ќе имаме свој центар кој ќе се занимава со вештачка интелигенција.“, вели Христијан Мицкоски.

Програмата AIFA (AI Factories) веќе се прошири во неколку земји-членки на ЕУ – Белгија, Ирска, Кипар, Летонија, Малта, Словачка и Унгарија, како и во Обединетото Кралство, Исланд, Молдавија, Србија и Швајцарија. Европската комисија соопшти дека шест нови „фабрики за вештачка интелигенција“ се приклучиле на европската инфраструктура за ВИ, со што вкупниот број достигна 19 во 16 земји-членки на ЕУ.