ЕУ воведе забрана за турска авиокомпанија која од Скопје реализираше чартер летови до Анталија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Европската унија воведе забрана за летови на турската авиокомпанија Southwind Airlines, откако тоа првично го направи Финска.

Ова следува по сомнежите дека компанијата е контролирана од руски ентитети. Одлуката се заснова на сомнежите за сопственичката структура и оперативната контрола на авиокомпанијата.

Јарко Сааримаки, шеф на финската транспортна агенција, изјави дека значителен дел од сопственоста и контролата им припаѓа на руските играчи. Southwind Airlines, основана во 2022 година, е специјализирана за летови до и од Русија.

Забраната на ЕУ, која веднаш стапува во сила, е во согласност со Регулативата бр. 833/2014, која се однесува на санкциите поврзани со дејствијата на Русија против Украина. Пред забраната, Southwind имаше летови до неколку европски дестинации, меѓу кои и Македонија.

Од аеродромот во Скопје најчесто за време на летната туристичка сезона, неколку пати неделно Southwind Airlines реализираше чартер летови од и до Анталија.

Здружението на руски тур-оператори најавија откажување на летовите на Southwind до Калининград како одговор на санкциите на ЕУ, што ги прави летовите до Швајцарија и Македонија невозможни за авиокомпанијата.

Чартер авиокомпанијата со седиште во Анталија беше создадена за да превезува патници меѓу Русија и Турција, но неодамна побара дозвола да оперира и од Турција до Германија, Грција, Финска и други земји на ЕУ.

Европската и некои други земји им забранија на руските превозници или авиони во сопственост на Русија да го користат воздушниот простор на ЕУ, како и забранија извоз на технологија поврзана со авијацијата по целосната инвазија на Русија на Украина на 24 февруари 2022 година.

Southwind Airlines е основана во април 2022 година во Турција и има летови до десетина дестинации во Русија и Белорусија, како и Молдавија, Либан и Македонија.

Основана кратко по избувнувањето на војната, и иако формално регистрирана во Анталија , најголемиот дел од нејзиниот имот и персонал, вклучувајќи ги и сите три авиони, беа префрлени од руската авиокомпанија Нордвинд ерлајнс , во сопственост на тур- операторот Пегас Туристик.

Како одговор на одлуката на Финска, Брисел, исто така, му забрани на Southwind да полетува, слетува во ЕУ или да лета над воздушниот простор на ЕУ.

Во февруари, ЕУ и САД воведоа уште еден сет на санкции против Русија кои беа насочени кон различни ентитети во неколку земји, вклучително и Турција. Вкупно 16 турски компании беа санкционирани поради наводно олеснување на транзитот на стоки со двојна употреба што може да ги користи руската војска.