Евакуираните македонски државјани од Обединетите Арапски Емирати вечерва околу 21:15 часот се очекува да слетаат на Меѓународниот аеродром Скопје со организиран лет, информира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. На аеродромот ќе ги пречека министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека се организирани и чартер-летови од Саудиска Арабија за македонските граѓани кои се наоѓаат во Катар и Кувајт, а се очекува тие да отпатуваат во среда. Според него, вкупно се обезбедени четири чартер-летови со неколку десетици слободни места, при што дел од нив ќе бидат ставени на располагање и за граѓани од други земји во регионот.
Од Министерството претходно соопштија дека евакуацијата на македонските државјани од земјите на Блискиот Исток се реализира со комерцијални чартер-летови, врз основа на договор склучен со авиокомпанија согласно Законот за јавни набавки. Според планот, до средината на следната недела се очекува да бидат евакуирани сите граѓани кои побарале враќање.
Според последните информации, Амбасадата во Доха била контактирана од 150 македонски државјани, од кои 95 побарале евакуација, додека во Амбасадата во Абу Даби се јавиле 585 лица од ОАЕ, како и 36 од Кувајт, 15 од Бахреин и пет од Саудиска Арабија. Министерството апелира граѓаните кои имаат потреба од евакуација да стапат во контакт со дипломатско-конзуларните претставништва или преку СОС-бројот.
