Екстремно време, СЗО: Топлотниот бран во Европа е здравствена вонредна состојба

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Екстремно високите температури што ја зафатија Европа се претвораат во сериозна закана за јавното здравје. Додека топлотниот бран предизвикува човечки жртви во неколку земји на континентот, Светската здравствена организација (СЗО) повикува на итна акција за справување со климатската криза.

Генералниот директор на СЗО, д-р Тедрос Адханом Гебрејесус, преку објава на социјалните мрежи истакна дека „топлотниот бран во Европа доведува до затворање на училиштата и го загрозува здравјето на луѓето. Податоците се јасни – температурите во Европа се зголемуваат речиси двојно побрзо од светскиот просек, што ја зголемува веројатноста и интензитетот на екстремните топлотни бранови во иднина.“

Во вакви услови, првиот човек на Светската здравствена организација апелира лидерите на европските држави да им дадат приоритет на инвестициите во здравствени системи прилагодени на климатските промени, а истовремено да ги забрзаат мерките за справување со климатските промени и да ги намалат факторите што ја поттикнуваат климатската криза.

Податоците покажуваат дека Европа е регионот кој се затоплува најбрзо во светот и дека само во последните четири години високите температури предизвикале повеќе од 200 илјади смртни случаи.

Во меѓувреме, смртноста поврзана со екстремната жештина е зголемена за 30 проценти во последните 20 години.

За заштита на населението, СЗО препорачува градовите да создадат повеќе разладени јавни простори, да обезбедат пристап до вода и сенка, како и внимателно да ги следат состојбите кај постарите лица, децата и лицата со хронични заболувања. Според организацијата, екстремната жештина повеќе не е само временски феномен, туку здравствена вонредна состојба што бара итен одговор.