Еврокомесарот во Скопје без изјави за медиуми – Димитров: Вархеи одмагаше во спорот со Бугарија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Посетата но и разговорите на еврокомесарот Оливер Вархеи со високи државни претставници во земјава помина без никакви најави за неговите средби, но и без изјави за медиумите. Тој по средбата со премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ одби да даде изјава за новинарите кои го чекаа пред Влада.

За средбата од Владата испратија соопштение во кое се наведува дека било разговарано за војната во Украина и за европерспективите на регионот. Заеднички е констатирано дека европските интеграции на Северна Македонија и на регионот се потреба на државите во регионални рамки, но и на самата Европска унија се вели во соопштението.


„Постои согласност дека сега е моментот за деблокада на евроинтеграциите на Република Северна Македонија што во спротивно може да остане уште долг период отворено прашање а тоа не е од полза на ниту една страна. Премиерот Ковачевски нагласи дека тој останува посветен исклучиво на принципите на почитување на европските вредности и на разговори базирани на респект и достоинство, за што се согласиле со премиерот Петков при воспоставувањето на дијалогот и очекува односи на оваа база“, велат од Владата.


Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и МНР, Никола Димитров во вчерашниот магазин на ТВ21 со критики кон еврокомесарот Вархеи, вели дека тој имал негативна улога во решавањето на спорот со Бугарија.



„Имаме комесар кој што помалку да беше вклучен во прашањево помалку да ни „помагаше“ веројатно полесно ќе го решевме можеби ќе го решевме за време на германското претседателство. Затоа што одмагаше. Затоа што ставаше паралелни предлози со Берлин, различни кои што беа повеќе на линија кон бугарските позиции а притоа неговите предлози немаа поддршка од многу земји членки“, рече Димитров.


Марко Трошановски од Институтот Социетас Цивилис не очекува скоро решавање на проблемот со Бугарија и вели дека овој процес уште повеќе ќе ги измачува луѓето и во следните 10 години.


„Она што го велиме ние во нашиот документ е дека сите отстапки или компромиси кои што би ги направиле во преговорите со Бугарија се взаемно поврзани. Ниту една не може да постои независно од останатите“, вели Трошановски.


Средбите на Вархеи со високи државни и политички личности на земјава се случува во рамките на неговата регионална посета на земјите од Западен Балкан откако вчера имаше средби и разговори и во Софија, а утре тој заминува за Тирана. Вчера Вархеи имаше јасни пораки дека Европската унија е се позаинтересирана за што побрз почеток на преговорите на Македонија и Албанија.