Маса топол воздух над Северна Африка и централниот Медитеран се движи кон исток, па метеоролозите предвидуваат дека од вторник до петок во Грција и Турција температурите вртоглаво ќе се искачат до 45 степени.
Врвот на топлотниот бран се очекува во среда и четврток, а температурите треба да опаднат за време на викендот. Колку е опасна ситуацијата по здравјето покажува и фактот што од вторник училиштата во делови на Грција ќе бидат затворени во 11:30 часот или воопшто нема да работат доколку локалните општини решат дека жештините се пресилни. Грчкото Министерство за труд ги повика луѓето од јавниот и приватниот сектор да работат од дома доколку е можно.
За многубројните туристи кои моментално се во Атина, грчкиот Црвен крст постави штандови на централниот плоштад Синтагма и на Акропол, каде што се дели бесплатна вода. На луѓето им се препорачува да избегнуваат излегување надвор во топлите попладневни часови, да пијат многу вода, да избегнуваат алкохол, да не јадат премногу и да избегнуваат енергично вежбање на отворено.
Раниот топлотен бран се совпадна со серија на исчезнувања и смртни случаи на туристи во последните денови во Грција, што ги истакна опасностите од изложеност на топлина. Во изминатите денови на грчките острови беа пронајдени телата на неколку странски туристи. Нивната смрт најверојатно е предизвикана од прошетката во потрага по скриени плажи на високи температури, кои во изминатите неколку дена се уште беа околу 40 степени.
Турската метеоролошка служба предупреди и на топлотен бран, кој особено ќе го зафати западниот дел од земјата, каде се очекуваат температури од околу 45 степени.
Жештините нема да ја заобиколат и Македонија. Владата на вечерашната седница донесе одлука со која препорача ослободување од работа на бремените жени и на постарите лица над 60 години.
