За две години пожарите изгореле над 133 милиони евра – во 2024 година изгорела површина повеќе од претходните 6 години заедно

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија не е подготвена за справување со катастрофи – утврди Државниот завод за ревизија. Еден од поизразените ризици се шумските пожари, а извештаите на Европскиот информациски систем покажале дека во 2024 година во земјава се регистрирани 97.660 хектари изгорена површина, што е највисоко ниво во последната деценија и повеќе од вкупната изгорена површина во претходните шест години заедно.

-Според податоците на ЈП „Национални шуми“, во периодот 2023 – 2025 година евидентирани се 82.714 хектари изгорена површина, 914.657 м³ изгорена дрвна маса и штети во износ од 133.663.967 евра, при што само во 2024 година штетата изнесува 83.121.333 евра, велат од ДЗР.

Ревизорите утврдиле слабости во стратешкото планирање, координацијата и управувањето со ресурсите, недоволни човечки и материјални капацитети, како и ограничено инвестирање во модернизација и опремување. Слабостите и потребата од реформи се констатирани уште со скринингот спроведен од ЕУ во 2018 година, но до денот на ревизијата, реформите не се спроведени. Ревизорите констатирале дека не е донесена Национална стратегија за заштита и спасување, а последната е со важност до 2018 година.

-Изготвена е Нацрт стратегија за периодот 2026–2030 година која не е усвоена, а не е донесена и Годишна програма за заштита и спасување за спроведување на стратегијата. Планот за заштита и спасување не е ажуриран, а воедно во ревизијата не е презентиран доказ дека е усвоен од страна на Владата. Процената на загрозеност од природни непогоди и други несреќи е донесена во 2007 година, истата не е ажурирана согласно новите ризици и современите услови, велат од ДЗР.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, вели дека на слабостите на Системот за управување со кризи укажувал уште како директор на Центарот за управување со кризи. Смета дека дел од овие слабости значително се намалени со ланските измени и дополнувањата на Законот за управување со кризи, а дел со тие од Законот за заштита и спасување донесени во јуни годинава.

-Ова лето немаше потреба од барање на меѓународна помош. Напротив, за прв пат од постоењето, ДЗС во Европскиот механизам за заштита и спасување декларираше два „ер трактора“ за помош на други земји. И покрај постоечките слабости и недостатоци, ова лето Македонија најуспешно досега се справи со пожарите на отворен простор, вели директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.

Ангелов вели реформите на Системот продолжуваат понатаму во насока на создавање на една единствена институција која ќе ги обедини функциите на ЦУК и ДЗС.