„Европа ве чека, сега е моментот“ – Фон дер Лајен уверува за чувањето на македонскиот јазик и идентитет

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дојде во Скопје бидејќи, како што вели, сакала да им се обрати на граѓаните, од нејзе самата да слушнат граѓаните и нивните избраници, дека Европа нè чека.

Вака го започна својот говор претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, во Собранието на Северна Македонија, каде охрабри да се даде поддршка за францускиот предлог.

„Денеска сум тука бидејќи верувам дека ова е моментот да продолжите напред кон нашата заедничка иднина во ЕУ, со Северна Македонија како полноправна членка“, посочи Урсула фон дер Лајен.

Откако ја пофали земјава за Преспанскиот договор и реформите спроведени до сега, рече дека разбирлива е фрустрацијата за неотворањето на преговорите до сега, но потсети дека ЕК веќе 13 години предлага старт на преговорите и дека и е драго што ниту Скопје ниту Брисел не се откажаа од евроинтегративниот пат на РСМ.

„Сега сите треба да гледаме напред, да ја искористиме можноста што ја имаме пред нас, да ги почнеме пристапните преговори и да работиме заедно за патот кој ве води кон ЕУ. Тоа можеме да го направиме уште следната недела на следната седница, со преземање на првиот чекор од модифицираниот француски предлог. Сите сте запознаени со овој предлог. Тој ги штити вашите интереси и ги зема предвид грижите од сите страни“, вели Урсула фон дер Лајен.

Моментов има историска важност, но одлуката е на Собранието, додаде Фон дер Лајен велејќи дека доколку предлогот биде усвоен, во наредните денови би се одржала првата меѓувладина конференција. Додека ги објаснуваше процедурите, некој од опозицијата почна да свири…

На говорницата беше поставен и транспарент со натпис НЕ.

Откако го симна транспарентот, Фон дер Лајен рече:

„Како во секоја демократија, го слушаме другиот. Ги слушаме аргументите што ги имате, го слушам неговиот аргумент и вие мојот. Ви благодарам за вашето демократско однесување“, додава Урсула фон дер Лајен.

Пратениците од македонската опозиција постојано држеа транспаренти на кои пишуваше “не за асимилација и бугаризација“.

Но Фон дер Лајен уверуваше дека ќе се сочува македонскиот јазик и идентитет, што беше поздравено со аплауз.

„Нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик…“.

„…И среќна сум да повторам дека нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик. Ние ова го почитуваме целосно, затоа во модифицираниот француски предлог пишува “македонски јазик“ без квалификации од ЕУ“, додаде Урсула фон дер Лајен.

Рече дека измената на Уставот за унапредување на основните права ќе ја засили посветеноста на Македонија во почитувањето на човековите права и со тоа ќе се затвори првата фаза од преговорите.

„Дозволете ми да повторам уште еднаш. Билатералните прашања, како што е толкувањето на историјата, не се услов во пристапните преговори“, пораа.

Својот говор го заврши на македонски јазик.