Европратеникот Ќучук без оптимизам – „Северна Македонија да не очекува преговори со ЕУ во јуни“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Оптимизам за старт на преговори со ЕУ во месец јуни кај европатеникот Илхан Ќучук нема, бидејќи како што вели Бугарија е повторно во предизборен период и без Влада. Со тоа се согласува и новинарот Боико Василев.

„Беше очекувано тоа што новиот Бугарски премиер Јанев го кажа, а имено нема да може да има промени во бугарската позиција, прво тоа е привремена влада, второ нема парламен и трето има позиција на бугарскиот парламент од 2019 година и од таа гледна точка, имајќи ги во предвид сите овие работи премиерот Јанев беше категоричен дека Бугарија не може да ја промени својата позиција“, истакна Боико Василев.

Ќучук напомена дека има силен дипломатски интензитет во разговорите да се даде зелено светло за Северна Македонија и за Албанија.

„Има многу силен дипломатски интензитет во разговорите кои се водат и тие не се само од страна на Португалија. Се сеќавате канцеларката Меркел колку силно се обиде и политички и дипломатски да ја задвижи таа тема како дел од дневниот ред на Европскиот совет и таа успеа во голема мера, со еден мал исклучок, не успеа тогашниот Совет да даде зелено светло за Република Северна Македонија и Република Албанија“, вели Илхан Ќучук.

Излез од моменталната состојба Ќучук гледа во враќање на довербата и почитување на договорот за добрососедство од 2017 година. Василев не се согласува со ставовите на поранешната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.

„На пример Софија не сфати дека во очите на многу луѓе во Северна Македонија и во очите на Европа, Јосип Броз – Тито не е злосторникот кој тие го гледаат во него и кога зборуваш дека некои нешта треба да бидат отсранети и да се заборави Тито, Тито да биде отфрлен, да биде негиран, целиот тој дел од историјата на Република Северна Македонија поврзана со Тито да биде пречкртана, тие луѓе во Софија не ја разбираат комплексноста на тоа кое другите, од другата страна на Деве Баир го разбираат и чувствуваат во однос на Тито“, додаде Боико Василев.

Европатеникот Ќучук додаде дека со договорот од Преспа, се кажува дека Северна Македонија нема никаква поврзаност со античка Грција и тука се става точка. Но, со Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година се поставува запирка и можеби оттаму доаѓа поголемото, покомплексното прашање. Прашање за чиј одговор и решение ќе го открие времето.