Европратениците во поддршка на Македонија – мора да се исчисти процесот на непредвидливи барања на Бугарија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Германскиот европратеник Рајнхард Бутикофер вели дека самиот процес на почнување на преговорите на Македонија со Европската унија, не се применети истите критериуми за сите. Смета дека условувањето на преговорите со внесувањето на Бугарите во Уставот, треба да биде последното нешто што треба да се исполни во преговорите.

„Јас би бил За покренување на овие уставни прашања во време кога целокупните преговори ќе бидат финализирани и да кажеме ова е дел од финалниот пакет. Слушнав некои шеги за вклучување на Јапонците и Монголците во Уставот и мислам дека ова не е проблем. Мислам дека проблемот, прашањето е дали ќе успееме да избегнеме еден континуиран процес на поставување пречки една по една“, вели Рајнхард Бутикофер.

Однесувањето на Бугарија кон Македонија особено негирањето на македонскиот идентитет и јазик како неприфатливи ги осуди и Тинеке Стрик, европратеничка од Холандија известител во сенка и портпарол за Македонија. Ќе направиме се за да нема злоупотреби на една земја членка врз друга земја која сака да биде дел од Унијата.

„Билатералниот конфликт, историските прашања, елементи, дилемите околу јазикот и историјата беа вметнати во овој процес. Ние јасно сме против ова и отсега натаму ќе се обидуваме да го исчистиме овој процес, да се осигуриме дека ова е еден фер процес каде што преговорите се врз основа на заслуги, критериуми, реформи, владеење на право, фундаментални човекови права, судство“, додава Тинеке Стрик.

Двајцата пратеници од Европскиот парламент Бутикофер и Стрик имаа средба со шефот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери, а учествуваа и на седницата на Комисијата за европски прашања.