Сојузот на синдикати на Македонија побара помош од Европската и меѓународната конфедерација на синдикати поради, како што велат, организирано мешање во синдикатот од страна на власта, пред се на ВМРО-ДПМНЕ. Европската конфедерација и од регионот дојдоа да го поддржат барањето на ССМ. За минималната плата им се пожали и лидерот на ССМ, Слободан Трендафилов, бидејќи, како што вели, во Македонија е најниска во регионот.
Секретарката на Европската конфедерација на синдикати, Теа Јарц, ја потсети Владата дека борбата за работничките права, во случајов за повисока минимална плата, е легитимна и правична и дека синдикалните права се еден од најважните сегменти за членство во ЕУ.
-Дојдовме во Скопје да разговараме како да ги зајакнеме синдикатите, како да ги застапуваме сите вработени и како да се бориме за подобри услови за работа. Низ Европа усвоивме директива за минимална плата. Оваа директива дава насоки за сите земји во Европа за тоа како да се утврди соодветна и правична минимална плата и како да се поддржи колективниот договор, изјави Теа Јарц, секретарка на Европската конфедерација на синдикати.
Поддршка изразија и Самостојните синдикати на Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, кои оценија дека минималната плата во Македонија е под секој минимум.
-Ќе се заложиме да обезбедиме никој да не одлучува наместо нас, без нас. Во одреден момент успеавме, во одреден момент не! Сепак, во секој случај, со таквите редовни обуки што ги имаме од највисоките лидери во нашите организации, изјави Душко Вуковиќ, независен синдикат на Србија.
-Прво сме тука да им дадеме поддршка на македонските синдикати и работници за зголемување на минималната плата, изјави Фикрет Алиќ, синдикат на Босна и Херцеговина.
-Ние во делот за работа донесовме заклучоци јавно да им дадеме поддршка на нашите колеги, синдикалци од Македонија, во однос на минималната плата, која е навистина толку ниска, што е под секој минимум, изјави Душко Зарубица, генерален секретар на синдикати во Црна Гора.
Од Европската конфедерација на синдикати излегоа со став дека ќе ја известат Европската комисија дека Владата врши притисок да не се зголемуваат платите и дека целиот случај ќе го стават под мониторинг. По ова предупредување, премиерот Христијан Мицкоски рече дека ќе ги покани претставниците да ги слушнат аргументите. Според него, би било незрело да се носат заклучоци само врз основа на еднострани информации.
