Европската комисија во четвртокот му изрече казна од вкупно 890 милиони евра на американскиот технолошки гигант Google поради две прекршувања на Законот за дигитални пазари (Digital Markets Act – DMA). Станува збор за највисоката досега вкупна санкција изречена според европските правила за регулирање на големите технолошки компании.
Ова е и првата казна што Google ја добива согласно DMA. Од вкупниот износ, 460 милиони евра се однесуваат на фаворизирање на сопствените услуги во пребарувачот Google Search, додека 430 милиони евра се изречени поради ограничувања што компанијата ги наметнувала на развивачите на апликации преку продавницата Google Play.
Високи претставници на Европската комисија информираа дека прекршувањата се случувале во периодот од март 2024 до декември 2025 година.
Одлуката следува по повеќе од две години истрага и ги потврдува прелиминарните заклучоци што Комисијата ги објави во март 2025 година.
Иако не беше дадено официјално образложение за долгото времетраење на постапката, во Брисел се шпекулира дека една од причините била можната реакција на САД. Само оваа недела, неколку американски сенатори го повикаа претседателот Доналд Трамп да реагира поради, како што наведоа, „екстремната“ примена на DMA врз американските технолошки компании.
Две прекршувања
Според европските правила, компаниите што се означени како „чувари на пристапот“ (gatekeepers), меѓу кои е и Google, немаат право да ги фаворизираат сопствените услуги во однос на конкурентските.
Европската комисија утврдила дека Google им давал предност на сопствените услуги во резултатите од пребарувањето, особено во категориите за онлајн купување, хотели, транспорт и спорт. Сопствените резултати биле прикажувани на повидливи позиции, со дополнителни визуелни елементи и филтри, со што конкурентите биле ставени во понеповолна положба.
Од Комисијата истакнуваат дека целта на интервенцијата е да се обезбеди фер конкуренција и еднакви можности за сите даватели на услуги да бидат пронајдени од корисниците.
Втората санкција се однесува на практиките во Google Play, каде што компанијата ги ограничувала развивачите на апликации да ги информираат своите корисници за поевтини понуди достапни надвор од платформата. Исто така, на развивачите не им било дозволено да ги насочуваат корисниците кон алтернативни начини на плаќање.
Комисијата наведува дека Google има право да наплатува таканаречен „почетен надоместок за стекнување корисници“, но оценува дека висината на овие надоместоци ги надминувала границите дозволени со европското законодавство.
Рок од 60 дена за усогласување
Google има рок од 60 дена да ги усогласи своите деловни практики со одлуката на Европската комисија. Во спротивно, компанијата ризикува дополнителни дневни казни во висина до 5 проценти од својот глобален годишен промет.
Од Европската комисија соопштија дека во изминатиот период воделе „конструктивен дијалог“ со Google за можните измени, при што дел од предложените мерки веќе биле доставени од самата компанија.
Во реакцијата на Google, претседателот за глобални прашања, Кент Вокер, оцени дека европските регулативи ги прават производите „полоши“ и предупреди дека промените што ги бара DMA ќе ја принудат компанијата да укине дел од функциите за пребарување во реално време што ги користат европските граѓани, како и да ги намали безбедносните механизми во продавницата Google Play.
