Европската комисија одговори во врска со вакцините префрлувајќи ја одговорноста на земјите-членки

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Земјите-членки на ЕУ сами побараа флексибилност и одлучија да отстапат од правилото вакцината да се дистрибуира според бројот на жители, соопшти денеска Европската комисија, со што ја симна од себе одговорноста за нееднаквата дистрибуција на вакцините.

– Земјите-членки одлучија да отстапат од предлогот на Комисијата, со воведување на флексибилност што овозможува различна распределба на дозите, земајќи ја предвид епидемиолошката состојба и потребите за вакцини во секоја од нив, се вели во соопштението.

Комисијата реагираше со изјава бидејќи системот за дистрибуција на вакцините беше остро критикуван во неколку земји.

– Според овој систем, ако некоја земја одлучи да не го земе својот дел од дозите, тие потоа се дистрибуираат до заинтересираните членки, објаснува Комисијата.

ЕК во соопштението додава дека останува на земјите-членки да се договорат ако сакаат да се вратат во системот за дистрибуција според бројот на население.

Лидерите на пет членки на Европската унија денеска повикаа на разговори на високо ниво за фер дистрибуција на вакцините против коронавирусот, предупредувајќи дека сегашниот начин на работа на тој систем до летото може да создаде „големи разлики“ меѓу земјите членки.

Лидерите на Австрија, Бугарија, Летонија, Словенија и Чешка во писмо до функционери на ЕУ истакнаа дека сметаат оти сегашниот систем „може да продолжи да создава и продлабочува големи разлики меѓу земјите членки до ова лето, при што некои од нив ќе можат постигнат колективен имунитет за неколку недели, додека другите држави би можеле да заостанат далеку зад нив“.

Во писмото до претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, функционерите на ЕУ се повикуваат „што е можно поскоро да одржат дебата за ова важно прашање“.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц вчера петокот рече дека вакцините не се делат пропорционално меѓу земјите-членки на ЕУ и оти се склучуваат дополнителни договори за снабдување со вакцини како резултат на нетранспарентни преговори меѓу лидерите на ЕУ.

Курц смета дека Холандија и Данска имаат пристап до значително повеќе дози вакцини по глава на жител отколку земјите како, на пример, Бугарија или Хрватска.

Петмина шефови на влади ја критикуваа досегашната практика на дистрибуција на вакцини бидејќи тоа е во спротивност со договорот на ЕУ за пропорционална распределба.