Европската комисија смета дека има недостиг на медицински кадар – Селмани: Треба да има истакнато зголемување на платите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Здравствениот сектор се соочува со загуби на медицински персонал, особено на специјалисти кои одат во приватниот сектор или заминуваат на работа во странство, оценува Европската комисија во неодамна објавениот Извештај за напредокот на земјата. Во Извештајот се оценува дека пристапот до лекари специјалисти во јавното здравство останува проблематичен.

„И покрај обезбедувањето на зголемени плати со цел да се задржат работниците, здравствениот сектор се соочува со загуби на медицински персонал, особено специјалисти кои се селат во приватниот сектор или заминуваат на работа во странство. Персоналот продолжува со потребата од специјализирана обука за користење напредна здравствена опрема, наведува ЕК“, се вели во извештајот.

Од МЗ за ТВ21 велат дека ги зголемиле платите за сите здравствени работници и реализирале нови вработувања, без да кажат дали ќе преземат мерки за да го задржат медицинскиот кадар во земјата.

„Просечната плата на доктор специјалист во декември 2017 година изнесувала 72.192 денари во бруто а во февруари 2020 година е зголемена на 111.377 денари – зголемување од 54%, додека кај доктор на медицина во декември 2017 година изнесувала 45.952 денари во бруто износ и во февруари 2020 година се зголемува на 58.991 денари, односно зголемување од 29%“, велат од МЗ.

Поранешниот министер за здравство, Имер Селмани смета дека Извештајот на ЕК ја отсликува реалната состојба во земјата. Трендот на заминување на медицински персонал ќе продолжи се додека Владата не придонесе во значително зголемување на платите за оваа професија, но и во условите во здравствените институции.

„Прво да се реорганизираат човечките ресурси со кои располага нашата држава, односно сите лекари кои се вработени и во државниот и во приватниот здравствен сектор и второ да се инвестира уште повеќе во брза програма, со брзи и среднорочни ефекти во дефицитни специјализации во кои имаме недостиг и континуирано инвестирање во покачувања на платите, на крајот ние сме на слободен пазар и треба да се зголемат платите на здравствените работници“, посочува Имер Селмани.

Во однос на рефундирањето на средствата што се плаќаат за здравствени услуги, од ЕК оценуваат дека пациентите плаќаат приближно една третина од сите здравствени услуги без да бидат рефундирани, со што се зголемуваат социјалните разлики. Во делот посветен на болестите, КЕ констатира дека нивото на финансирање за скрининг на рак е недоволно, а податоците од националните и регионалните регистри за рак не се јавно достапни. Националната програма за рано откривање на рак допрва треба да се имплементира, велат од Европската комисија.