Европската комисија утврди дека платформата TikTok не обезбедила соодветна заштита на приватноста на детските профили, дозволувајќи возрасни корисници да имаат пристап до профилите на малолетници. Според Брисел, ваквите пропусти ги изложиле децата на ризици како што се сајбер-малтретирање, несакани контакти и потенцијално предаторско однесување.
Ова е најновата во низата постапки што Европската унија ги води против големите технолошки компании, во рамки на своите напори за построга регулација на дигиталните платформи.
TikTok сега има можност да се изјасни и да одговори на наодите на Европската комисија. Доколку одговорот не ги задоволи европските регулатори, Комисијата може да донесе одлука за непочитување на правилата и да изрече казна во висина до шест проценти од вкупниот годишен приход на компанијата.
Истрагата против TikTok се води од февруари 2024 година, кога платформата беше означена како „Многу голема онлајн платформа“ според Законот за дигитални услуги (Digital Services Act – DSA). Европската комисија проверува дали компанијата ги исполнува обврските за заштита на корисниците, особено на малолетниците.
Ова не е првпат TikTok да се соочи со негативни оценки од европските институции. Во февруари годинава Комисијата оцени дека платформата го прекршила DSA поради својот „дизајн што создава зависност“, посочувајќи функции како автоматско пуштање видеа и бесконечно скролање, кои можат негативно да влијаат врз физичкото и менталното здравје на корисниците, особено на децата. Компанијата тогаш ги отфрли овие наводи, оценувајќи ги како „целосно неточни“.
Покрај тоа, TikTok и претходно беше санкциониран поради прекршување на европските правила за заштита на личните податоци. Во 2023 година, Ирската комисија за заштита на податоците ѝ изрече казна од 345 милиони евра поради несоодветна заштита на профилите на деца помлади од 13 години и нивните лични податоци.
Компанијата доби и дополнителна казна од 530 милиони евра поради пренесување на лични податоци на европски корисници во Кина. Оваа одлука годинава беше потврдена и од Високиот суд во Ирска.
