Правно-политички мерки за заштита на легитимитетот најавија од Европскиот фронт на Академијата организирана по повод 23-годишнината од Охридскиот договор. Лидерите на политичките партии кои го сочинуваат овој опозициски блок порачаа дека сегашното претставување на Албанците е срамно, претставува понижување и потсмев. Најавија мерки за заштита на легитимитетот изразен со гласање, во спротивно велат дека изборите немаат смисла.
„Ние не му се умилкуваме и служиме никому. Без разлика што некој мисли дека е ага во оваа држава, и дека има слуги. Оваа земја ќе оди напред со добри меѓуетнички односи, пред се меѓу двете најголеми заедници, Албанците и Македонците. Македонците како народ можат да напредуваат само ако се во добра комуникација и хармонија и во однос со Албанците, во спротивно ќе ги проголтаат Србите, Бугарите и Грците. И ова што ви го кажувам овде, им го кажав на сите македонски политички претставници“, рече Ахмети.
-Европскиот фронт ќе ги отвори како што беше во денешната изјава. Ќе ги отвори сите овие теми за јавна дебата. Имаме легитимитет од страна на Албанците, Турците, Бошњаците, Ромите и сите други заедници овде во Северна Македонија и секако дека имаме обврска и право да го заштитиме овој легитимитет на Албанците изразен со глас. Инаку, што е значењето на изборите, и што е значењето на демократијата-вели Зиадин Села.
„Исмејување, понижување и срам за политичкото претставување на Албанците. Се поставува прашањето зошто се случува ова? Тоа се случува затоа што Албанците немаат именувано свој политички претставник во Владата, преференциите на победничката партија во македонскиот табор е кој ќе ги претставува Албанците.“, изјави Арјанит Хоџа.
Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи зборуваше за правно-политички мерки за заштита на легитимитетот и натамошно спроведување на
„Правните основи потекнуваат од: Под еден, Локален уставен поредок, амандман 6 од Уставот. Принципот на правична застапеност. Под два, самиот Охридски договор, целта на договорот. Под три, меѓународното право, Охридскиот договор како меѓународен договор е предмет на толкување на договорите според Виенската конвенција и под четири, меѓународното хуманитарно право. Универзалната декларација за човекови права и други договори за човекови права како што е член 25 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права“, изјави Османи.
Освен законски, планираат и политички мерки. Тие се кредибилитет и одговорност, консоцијативна демократија и политичка правда. Во спроведувањето на овие мерки, како што најави Османи, ќе бидат вклучени принципи и практики од Северна Ирска, Белгија и Швајцарија.
Шефот на Владата, Христијан Мицкоски, пак, вели дека Охридскиот договор за ДУИ е веќе завршен и изразува загриженост дека оваа партија станала дестабилизирачки фактор.
Мицкоски додаде дека ДУИ на овој начин и прави лошо на државата, советувајќи ги да се реформираат во опозиција и да можат да бидат конкуренција на следните избори.
