Европско плаќање, а стандардите од минатиот век – автопатот Тетово – Гостивар не ги исполнува условите за автопат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Без помошна лента и без заштитна ограда (банкини) на десната страна, автопатот Тетово-Гостивар тешко ги задоволува условите за да се нарекува автопат. Иако е една од главните делници на Коридорот 8, има наплатна рампа со доста висока цена, смета експертот за сообраќај, Блерим Неими.

„Автопатот Тетово-Гостивар е важна делница, бидејќи е дел од Коридорот 8. Поради состојбата во која што е потребно е да се реновира и санира, но мислам и дека патарината е скапа“, посочи Блерим Неими.

Според Неими, во моментов автопатот не ги исполнува ниту условите за брзината.  

„Доколку зборуваме за брзината, тој автопат не ги задоволува условите за повеќе од 80 километри на час. Но, ако зборуваме за изградбата на помошна лента и поставување на метални заштитници, тогаш може да се дискутира за реална цена за овој автопат“, истакна Блерим Неими.

Според истражувањето што го направил Неими, по овој пат минуваат во просек околу 18 илјади возила секој ден, а условите се вон секој стандард.

„Се наоѓаме на една од наплатните рампи на автопатот Тетово-Гостивар. Иако, оваа делница не ги исполнува стандардите, сепак граѓаните мора да плаќаат од 30 до 110 денари само за една од патарините“, порача репортерот на ТВ21.

Реакција и од Коалицијата АА-ААА. Од таму велат дека доколку Владата не преземе мерки, тогаш ќе предложат закон за укинување на таксата.

„Ние бараме наплатната рампа да се отстрани сѐ додека не се изгради автопат кој сам по себе е неопходен. Ако во текот на неделава Владата не донесе одлука, тогаш нашата пратеничка група во Собрание ќе предложи закон за укинување на таксата. Ако актуелната власт се обиде да го игнорира ова барање кое доаѓа од граѓаните, тогаш ве известуваме дека на секоја улица ќе се соочите со нив“, вели Артина Ќазими.

Неодамна, и жителите на Селце организираа протест, барајќи да се отстрани наплатната рампа, бидејќи како што се пожалија, за само 3 километри пат се принудени да плаќаат 30 денари во еден правец.