Владата веќе го достави до Собранието измените на законот со кој се воведува еколошка такса на кои стои европско знаменце а воедно е побарано тие да бидат усвоени по скратена постапка. Опозицијата и денеска критикуваше и вели дека со ова се воведува кризен данок кој ќе удри по џебот на граѓаните. Според Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ македонските граѓани ќе плаќаат најскапи горива, односно истата цена која ја плаќаат граѓаните на Велика Британија, иако стандардот ни е сосема различен. Од оваа партија најавија дека ќе го блокираат законот но сега останува неизвесно како ќе го спречат неговото донесување.
„Прашувам што има европско во законот за зголемување на цената на горивата или таканаречанта според нив еколошка такса. Според предложениот закон, никаде не може да се најде дека е усогласен или усогласување со некоја европска регулатива за да има право да се повикуваат на тоа европско знаме. Доколку се обидат вака, на мала врата, злоупотребувајќи го европското знаменце а притоа, нема ниту една регулатива со која што се усогласуваме, ќе ги искористиме сите демократски капацитети и средства со филибастеринг, со зборување.“, рече Пренџов.
Против донесувањето на законот се и од Алијанса Алтернатива . Според нив одлуката да се зголеми цената на горивата е злоупотреба на екологијата и доказ дека Владата не знае да управува со Буџетот.
„За време на криза кога граѓаните се уште ги чувствуваат тешките последици од пандемијата, Владата одлучи да им ја отежни уште повеќе економската состојба преку воведување на таканаречена еколошка такса. Одлуката за поскапување на нафтените деривати за 3.5 денари по литар е злоупотреба на екологијата за прикривање на неспособноста на актуелната Влада во менаџирањето на буџетот и последиците на кризата. Овaа одлука најмногу ќе ја осетат транспортерите.“, велат од Алијанса/Алтернатива.
И од Левица велат дека не е добро воведувањето на ваква такса и велат дека и покрај тоа што еколошката такса ќе има европско знаменце ќе поднесат околу 800 амандмани за да се успори процесот на донесување.
„Укажувам на една деловничка интервенција која ние како Левица ја немаме но ја има ВМРО-ДПМНЕ а тоа е членот 125 од Деловникот кој досега не е користен при ваков шверцерат на закони кој станува пракса на оваа влада.“, рече Апасиев.
Вчера премиерот Заев рече дека воведувањето еколошка такса е особено важно за подобрување на животната средина. Од СДСМ и денеска со став дека законот носи големи придобивки за граѓаните и за проекти од еколошко значење.
„Лажни се обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека еколошката такса е кризен данок. Со неа ќе се приберат околу 60 милиони евра, наменети исклучиво за зелени инвестиции и зелени работни места, со што ќе се придонесе за економски раст и за почиста животна средина.“, велат од СДСМ.
Владата најави дека од први јули со воведување еколошка такса ќе се соберат пари во буџетот со што ќе се помогнат многу проекти од еколошката сфера. Сепак реакцијата на јавноста е дека зголемување на цената од околу 4 денари е преголема за граѓаните.
