За една недела, демолирал и ограбил девет дуќани, а два други се обидел, но не успеал.
Дуќаните што ги ограбил, главно биле златари, продавници за сувенири и за обувки. Во третиот обид, крадецот бил фатен на дело, по заедничката координација меѓу дуќанџиите во Чаршијата и полицијата. Претходно, крадецот оперирал преку ден за да ги разгледа условите за крадење, влегувал и прашувал за цените на производите за да види дали дуќаните имаат безбедносна камера. Претседателот на Занаетчиите на Чаршијата, Бујар Дулови ни соопшти дека лицето оперирало по полноќ кога светлата во Чаршијата се изгасени.
„Навечер кога се изгаснати светлата по 1.30 часот, тогаш оперирал, кога првата ноќ пред една недела провалил во три дуќани и имал обид за два други дуќани кои не успеал да ги отвори. Во саботата навечер, успеал да отвори 6 дуќани за една ноќ а кои немале алармни системи, но за среќа два дуќани кои имале скриен аларм, истиот реагирал и се вклучил алармот и во неколку други дуќани за накит“, вели Бујар Дулови.
Дулови се пожали дека дуќаните не смеат да постават камери пред влезот бидејќи тоа не го дозволува законот.
„Со закон немаме право да ја снимаме уличката. Немаме безбедносни камери во уличката што можат да го обезбедат патот низ Чаршија. Недостигот од безбедносни камери во чаршијата, недостигот на осветлување каде во вечерните часови во 01:30 часот се гасат светлата, во некои делови воопшто не работат а тоа е во нивна полза“, вели Бујар Дулови.
Во МВР прашавме зошто Старата скопска чаршија нема безбедносни камери, односно не е дел од безбедносниот систем „Безбеден град“, но од таму не добивме одговор. За овие случаи МВР информираше само во својот дневен билтен од 15 јули, од каде соопштија дека ден претходно во СВР Скопје лицата С.А и Н.Џ. пријавиле дека во Скопската чаршија е извршена тешка кражба во обид, но ништо не е украдено. Додека друго лице А.С. пријавило дека насилно му влегле во продавница за сувенири и му биле украдени пари.
