Пожарот во Мариово повторно се активира, огнената линија долга 20 километри

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пожарот што зафати дел од прилепскиот дел на Мариово, во близина на селото Чаниште, денеска околу пладне повторно се активирал поради засилениот ветер.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информираше дека огнената линија во моментов е долга околу 20 километри, од течението на Црна Река до врвот Маргаро.

Во гаснењето се ангажирани прилепските пожарникари, тимови на ДЗС составени од доброволци од Битола, како и дополнителни доброволци од Кочани и Виница.

Како што посочи Ангелов, приоритет во текот на ноќта ќе биде заштитата на селото Крушевица, кое се наоѓа на неколку километри од огнената линија.

Ситуацијата ја отежнуваат високата и сува трева, како и силниот ветер кој постојано го разгорува пожарот. Во акцијата се вклучени и „ер трактори“ на ДЗС, со чија помош бил прекинат дел од огнената линија и значително намален фронтот кој го загрозувал блискиот манастир и селото.

Ангелов оцени дека пожарот во Мариово во моментов е најголемиот активен пожар во државата.

Во меѓувреме, пожарот на подрачјето на Старо Нагоричани е ставен под контрола, додека кај селото Слеп останале само жаришта и остатоци од огнот.

Во однос на штетите во Чаниште, Ангелов појасни дека куќите што изгореле во текот на ноќта биле одамна напуштени.

„Не изгоре ниту една куќа во која активно живеат луѓе“, изјави Ангелов, додавајќи дека десетината жители на селото веќе се вратиле во своите домови.

Сепак, постои можност меѓу објектите да има и куќа која сопствениците ја користеле како викендичка или за повремен престој.