Арбен Фетаи во Клик Плус информираше дека по распишувањето на локалните избори немало партиски активности, но разговорите за унифицирање на коалицијата ВЛЕН биле интензивни од ноември. Тој нагласи дека една од опциите што се разгледува е избор на претседател со ротација. Според Фетаи, изработени се неколку документи кои ги утврдуваат принципите и патот кон унифицирање на ВЛЕН.
„Како што гледате, во овој правец јас кажав дека засега, од распишувањето на локалните избори, немало активности во рамки на политичките партии. Едното не го исклучува другото. Може да има избран претседател со ротација, тоа е една од опциите што се дискутира. Нормално, јас ги собрав моите структури, функционерите, претседателството и така натаму, и континуирано разговаравме за развојот во рамки на унифицирањето на коалицијата ВЛЕН. Во таа насока сакам да кажам дека разговорите беа доста интензивни од ноември наваму и се изработени неколку документи“, додаде Арбен Фетаи.
Во однос на прашањето за лидерската позиција, Фетаи изјави дека откако ќе се договорат останатите предуслови, може да се реши и тоа прашање. Според него, секој од лидерите е подобар од другиот.
„Ова е прашање на консензус. За мене, ова е прашање што треба да се реши на крај, кога ќе ги договориме сите други предуслови. Немам преференци за еден или друг лидер, тоа е прашање за кое треба да се договориме на маса. Секој од четворицата е подобар од другиот и воопшто не ја гледам како проблематична одлуката за избор на некој од нив. Како што реков, има четворица лидери, секој подобар од другиот“, вели Арбен Фетаи.
Говорејќи за информациите дека постои договор меѓу Меџити и Касами тие двајца да раководат со ВЛЕН, Фетаи изјави дека тоа е спин на ДУИ со цел да се напрви раздор во коалицијата. Фетаи ги спомена и основните принципи врз кои е формиран ВЛЕН и кои, според него, треба да се следат и понатаму. Меѓу другото, тој изјави дека ВЛЕН е изграден врз принципот на еднаквост на четирите субјекти, каде секој има по една четвртина од застапеноста.
