По постигнатиот гол, напаѓачот на Австрија Марко Арнаутовиќ го навреди репрезентативецот на Македонија, Езѓан Алиоски. Поради тоа, Фудбалската федерација на Македонија бара УЕФА да го казни Австриецот. Првиот човек на ФФМ, Мухамед Сејдини за ТВ21 рече дека УЕФА не толерира и строго ги казнува навредите на расна, етничка и национална основа. Како што вели, досега не добиле одговор од УЕФА.
-Сѐ уште немаме одговор. Значи УЕФА ќе ги преземе сите мерки според Дисциплинската комисија. Кога се случува вакво нешто, УЕФА е доста строга и не толерира навреди на национална, етничка или расна основ. Ќе видиме што ќе се случи-вели Сејдини.
Езѓан Алиоски, на денешната прес-конференција рече дека не го слушнал австрискиот напаѓач што му рекол, но рече дека по мечот поразговарале и дека си подале рака еден на друг.
-Разговаравме во текот на мечот. Тоа не е погрешно додека трае натпреварот. По мечот си подадовме рака еден на друг. Проблемот е во тоа што кога тој постигнал гол, рекол нешто за мене. Не можам да кажам што, бидејќи не го слушнав. Не можев да го слушнам. Впрочем, ние по мечот разговаравме. Останатото зависи од УЕФА и Федерацијата. Сѐ може да се види на видеото-изјави Алиоски.
На социјалните мрежи, претставникот на австриската репрезентација се извини, пишувајќи дека жестоките зборови ги искажал во афект поради натпреварот. Извинување за својата постапка побара и на албански јазик. Според странските медиуми, УЕФА нема да отвори истрага против фудбалерот Арнаутовиќ. Но, сепак од Европската куќа на фудбалот велат ќе го разгледаат однесувањето на играчот од австриската репрезентација. Дојче Веле објави дека УЕФА назначила инспектор, кој ќе го истражува целиот случај. Сепак, не се прецизира што ќе биде преземено, доколку биде утврдена вина кај Арнаутовиќ.
