ФИФА го принуди Мексико да ги врати часовниците „Ролекс“ вредни еден милион долари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Фудбалската репрезентација на Мексико беше принудена да ги врати луксузните часовници што ѝ ги подари американскиот јутјубер СтивВилДуИт (SteveWillDoIt), објави Би-би-си.

Креаторот на содржини, чие вистинско име е Стивен Делеонардис, изјави дека потрошил околу еден милион американски долари (747 илјади британски фунти) за да купи часовници „Ролекс“ за секој фудбалер и член на стручниот штаб на мексиканската репрезентација.

Мексико, една од земјите-домаќини на Светското првенство на ФИФА во 2026 година, вечерва ќе се соочи со Англија на стадионот „Ацтека“.

Делеонардис им ги врачи часовниците на играчите и членовите на стручниот штаб во понеделникот, еден ден пред победата на Мексико над Еквадор во шеснаесетфиналето (рунда во која остануваат 32 репрезентации, а победникот се пласира меѓу најдобрите 16).

Сепак, ФИФА има строги правила за примање подароци.

Според Етичкиот кодекс на ФИФА, подароци може да се прифатат само доколку имаат симболична или занемарлива вредност, поради што луксузните часовници не се дозволени.

Според соопштението објавено на официјалниот профил на мексиканската репрезентација на платформата X, фудбалерите со заедничка согласност одлучиле да ги вратат часовниците. Воедно било нагласено дека јутјуберот ги подарил по сопствена иницијатива, без какво било барање од фудбалската федерација или од репрезентацијата.

Мексико има цел да се пласира во четвртфиналето на Светското првенство за првпат по 1986 година, кога беше домаќин на турнирот.