ФИФА возврати на УЕФА: „Фудбалот не е на продажба“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ФИФА официјално одговори на острите критики од УЕФА и КОНКАКАФ во врска со новиот проект „ФИФА Форвард Ентерпрајз“ (FFE), категорично отфрлајќи ги тврдењата дека иницијативата претставува обид „фудбалот да се стави на продажба“.

Во соопштение објавено на своите официјални канали, со наслов „Појаснување за предлогот во врска со ФИФА Форвард Ентерпрајз (FFE)“, светската фудбалска организација истакна дека ги разбира и ги почитува загриженостите што беа изразени, но нагласи дека целиот процес ќе продолжи преку транспарентни, отворени и демократски консултации со сите засегнати страни.

ФИФА, исто така, ги обвини дел од медиумите за неточно и погрешно известување, оценувајќи дека таквите информации го нарушиле планираниот процес на консултации околу проектот.

„Никој не го става фудбалот на продажба и ФИФА никогаш не би разгледала такво нешто“, се наведува во официјалното соопштение.

Од светската куќа на фудбалот објаснуваат дека проектот FFE има за цел да им овозможи на сите 211 федерации-членки да добијат поголема улога во управувањето со комерцијалните права, спонзорствата и телевизиските права за светските натпреварувања, без при тоа да се наруши независноста или управувачката структура на организацијата.

Во својата реакција, ФИФА индиректно ѝ одговори и на УЕФА, нагласувајќи дека ниту една континентална конфедерација не може да тврди дека зборува во име на сите национални федерации.

Со ова соопштение, ФИФА се обидува да ги смири тензиите околу проектот FFE, кој во изминатите денови предизвика бројни реакции во светската фудбалска јавност и отвори дебата за идното управување со комерцијалните права на најголемите фудбалски натпреварувања.