Лидерот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес-конференција побара власта да распише референдум за членство во ЕУ, и дека за тоа мора да одлучат сите граѓани.
„Ова е прашање на сите нас, за секој еден граѓанин, за нашите семејства. Едноставно прашање за нашата иднина. Ова, почитувани граѓани, е референдумско прашање. Не може Христијан Тино Мицкоски да одлучува за нашите судбини“ , рече Филипче.
Тој додаде дека последиците од погрешните политики на власта веќе ќе ги плаќаат граѓаните и нивните семејства, и затоа токму граѓаните треба да ја донесат конечната одлука.
„Едноставно, доста е. Мора граѓаните да одлучат за тоа. Затоа што граѓаните, нивните семејства, нивните деца, ќе ја плаќаат цената на овие погрешни политики на Мицкоски. Затоа граѓаните се единствени кои што можат да одлучат за својата судбина. Не сакаме сите да ја плаќаме оваа цена. Сакаме иднина. Распишете референдум, прашајте ги граѓаните. Не може вие да одлучувате за судбината на сите кои што живеат во државата“, рече Филипче.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека уставните измени не се последниот услов за членство во ЕУ. Од партијата сметаат дека Филипче мора да ги осуди изјавите на Румен Радев за македонскиот идентитет.
„Румен Радев вели дека македонскиот јазик постои од 1945 година, Филипче не осудува. Румен Радев вели дека македонскиот идентитет постои од 1945 година, Филипче не осудува. Радев вели дека пред 1945 година сме биле Бугари, Филипче не осудува. Македонската историја надалеку позната и прочуена како бугарска, Румен Радев ја претставува како бугарска, а Филипче не осудува“, посочи портпаролот владејачката партија Валентин Манасиевски.
Обраќајќи се на граѓаните, тој рече дека ова што го говорат од партијата е многу важно и дека граѓаните имаат право да знаат какви отстапки би следеле понатаму доколку СДСМ и Филипче повторно добијат можност да одлучуваат за државните позиции. „Од авион се гледа дека Бугарија има пошироки барања кон Македонија кои директно навлегуваат во прашањата за македонскиот идентитет, историја и културно наследство, а не само за внесување на неколку илјади Бугари во Уставот“, истакна Манасиевски.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ останува цврсто на ставот – македонските национални интереси, достоинството на државата и историската вистина не смеат да бидат предмет на политички договори и трговија за власт.
