Филипче: Бараме само да се грижите за вашето здравје – Ковид-19 му го одзеде животот на 50-годишен лекар од Тетово

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ковид-19 секој ден се повеќе им го одзема животот на лекарите. Нова  жртва е 50 годишниот лекар од Тетово, Владимир Ефтимовски.Нему  пред една недела му  беше дијагностициран  Ковид-19, а имаше и други хронични болести, при што вчера починал на  Инфективна клиника во Скопје, каде што беше и хоспитализиран.

Повторно позитивен пратеник, сега е заразена пратеничката од ЛДП, Моника Зајкова. Таа веќе е хоспитализирани и раскажува за нејзината здравствена состојба преку социјалните мрежи.

„Како се чувствувам? Tелесната температура не ми спаѓа под 38,5 C, чувствувам омалаксаност, континуирано гадење, повраќање и изнемоштеност. Констатирана ми е почетна фаза на пневмонија. Ова не сакам да звучи како заплашување, туку повеќе како отрезнување, затоа што понекогаш може да биде предоцна“, вели Моника Зајкова.

Градоначалникот на Демир Хисар, Марјанче Стојановски, исто така извести дека е позитивен со корона.

„И, покрај сите препорачани мерки од надлежните здравствени институции за заштита и превенција од корона вирусот, каде доследно ги почитував и во целост ги применував, после денешниот тест за Ковид 19, сум позитивен“, додава Марјанче Стојановски.

Министерот за здравство, Венко Филипче, апелира до граѓаните повеќе да се грижат за сопственото здравје, потсетувајќи се на пожртвуваноста на здравствените работници.

Минатата недела имавме над 1000 заразени дневно, но ситуацијата со пандемијата како што изгледа се очекува да се влоши уште повеќе како што најавија од Министерството за здравство. Информацијата ја истакна и претседателот на Сојузот на специјализанти и млади лекари, Ненад Лазаров. Според него следните недели се очекуваат уште повисоки бројки на заразени.

„Наредната ќе биде уште полоша бидејќи ништо сериозно и драстично не превземаме, убеден сум дека епидемијата е далеку од природен “замор” по она што го гледам кај моите пациенти, кои се одличен статистички примерок од повеќе аспекти. И минатата недела, еве и сега, пцујте и вреѓајте, мислете поинаку, тоа никако не ја менува ситуацијата“, посочува Ненад Лазаров.

Инаку од почетокот на пандемијата досега од компликации починаа 1.110 лица, а со корона вирус се заразени вкупно 38 782 лица.