По вчерашното известување на ТВ21 дека во Клиничката болница во Тетово се пријавиле поголем број деца, од кои 12 биле хоспитализирани, реагираше Алијансата за Албанците.
Од оваа политичка партија обвинуваат за двојни стандарди и институционален молк, споредувајќи ја ситуацијата со онаа во Гостивар.
„Каде се денес алармите? Каде се прес-конференциите? Каде се министрите, директорите и сите оние кои во Гостивар го броеја секој преглед и секое пријавување како аргумент за создавање паника во јавноста? Во Гостивар се објавуваа кумулативни бројки… Денес имаме 12 хоспитализирани деца само на Педијатрија во Тетово во рок од 48 часа. Зошто сега молчат? Со јавното здравје не смее да се постапува во зависност од општината, градоначалникот или дневниот политички интерес.“, велат од АА.
Од друга страна, директорот на Клиничката болница во Тетово, Ерзен Елези, во изјава за ТВ21 ги отфрла тврдењата дека станува збор за труење или епидемија, нагласувајќи дека бројките се на слично ниво како и минатата година.
„Врз основа на сите податоци кои ги добивте и од главната сестра на Педијатријата во Клиничката болница во Тетово, значи тие тврдења не се точни. Така што бројот на пациенти на Педијатрија е ист како и минатата година. Бројката 39 се однесува на еден ден во период од 48 часа, кога имало нешто поголем број пациенти на одделението за педијатрија, од кои 12 или 13 биле хоспитализирани. Но разликата е што имале различни симптоми, не биле сите со исти симптоми. Не е точно тоа што се зборува во медиумите, симптомите кај пациентите биле различни. Некои имале респираторни заболувања, додека некои имале вирусни заболувања, што е вообичаено за овој период.“, вели Ерзен Елези.
Педијатрискиот специјалист, д-р Иса Османи, пак, појаснува дека овие симптоми се карактеристични за летните сезонски вируси и се предизвикани од низа фактори поврзани со животната средина и хигиената.
