Филипче: Директорот на АНБ е незаконски поставен – нема да дозволиме повторно да има систем „ало началниче“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Со однесувањето на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната седница на Комисијата за надзор над Агенцијата за разузнавање и на Агенцијата за национална безбедност јасно е дека власта е свесна дека Бојан Христовски е незаконско поставен за директор на АНБ. Ова го изјави претседателот на СДСМ Венко Филипче коментирајќи на вчерашната жестока расправа на Комисијата за надзор над безбедносните служби, по што таа беше прекината. Филипче воедно го повика Јавното обвинителство да го расчисти овој случај како и да истражи под кои критериуми  Христовски е избран и за асистент на Факултетот за безбедност.

„Првата работа е тоа дека очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ се свесни дека направиле криминал односно незаконски поставиле директор на Агенцијата за национална безбедност . Меѓутоа тоа не е нешто ново, политизација на безбедносните и партиските структури е нешто што сме виделе во претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и тука сакам јасно да му порачам на премиерот дека СДСМ нема да дозволи повторно воспоставување на системот „Ало началниче“ во безбедносните и полициските структури“, вели Венко Филипче.

Вчерашната седница на Комисијата за надзор над безбедносните служби се одвиваше во жешка и тензична атмосфера кога пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа во дневниот ред да се стави и нивното барање за посета на Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност.  Претседателот на Комисијата Скендер Реџепи Зејд одби да ги стави на дневен ред бидејќи ниту тој ниту заменикот претседател се уште немаат безбедносен сертификат. По ова настана кавга меѓу него и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

„Јас пак ќе стојам на истото настојување дека јас нема да ги предложам овие точки“

-Ама не можете така.

„Вам сега ви следува другиот дел, барајте промена на претседател. Тоа најмал проблем е тоа“.

-Вие сега мора да го дополните дневниот ред.

„Не мора да го дополнувам затоа што не е согласно моите ингеренции и компетенции да ги имам и одговорноста за да можам да ја надгледам работата на другите агенции. Како јас ќе ги надгледувам работата на другите агенции ако не сум член на таа екипа која ќе биде таму“.

Во ваква атмосфера воопшто и не дојде до расправа за именувањето на Бојан Христовски за директор на АНБ ниту пак тој беше сослушан од страна на опозицијата за тоа дали тој го има потребното работно искуство за да биде на чело на оваа безбедносна институција но и за тоа дали ТОЕФЛ сертификатот е фалсификат.