Претседателот на СДСМ Венко Филипче најави дека ќе има серија 2.0 на како што рече нови бомби за скандалите на власта со што ќе бидат презентирани корупциски шеми. Воедно повторно најави дека ќе ја повика европската обвинителка Лаура Ковеши да се запознае со скандалот со ИПАРД 3 програмата, но и дека ќе бара помош од италијанскиот антикорупциски тим кој се борел со мафијата Коза Ностра.
„За помош ќе побараме и иницијатива ќе поднесеме до антикорупциските институции во Италија кои што со години и децении се бореа против најорганизираната мафија Коза Ностра. Ако тие се справија со Коза Ностра можеме и ние тука да се справиме со оваа мафија на ВМРО-ДПМНЕ. Ние ги спремивме новите бомби 2.0. Најавувам дека утре следува нова, нов скандал, нова корупциска шема се членови на владејачката гарнитура“, рече Филипче.
Од ВМРО-ДПМНЕ вратија – иронично е кога Филипче зборува за борбата против криминалот и тие се последните кои имаат право да зборуваат за тоа.
„Убедливо најиронично е кога Венко Филипче зборува за борбата против криминалот. Тоа е исто како човек со сомнителни морални навики да го поставите да биде наставник за етика. Смешно но СДС тоа го претставува како некоја сериозна работа. Овој настап на СДС односно на Филипче е уште едно политичко харикири, обид да се испере нешто што не се пере ниту во топла, ниту во ладна вода“, изјави Валентин Манасиевски.

Инаку, Филипче денеска го најави и анткорупцискиот тим, кој како што рече е еден од столбовите на новата програма. Составен од млади лица, првиот човек на СДСМ рече дека тоа ќе биде новата сила која ќе истражува и ќе ги разоткрива сите корупциски шеми на власта. Рече и дека наскоро ќе биде објавена и платформа во која и граѓаните ќе може да пријавуваат корупција.
