Поплава во текот на ноќта предизвикала прекин на електричната енергија во зградата на „Нова Македонија“, каде што се сместени повеќе државни институции.
Според првичните информации, до поплавувањето дошло поради пукање на топловодна цевка на вториот кат од објектот. Водата продрела низ електричните инсталации, поради што струјата била исклучена како превентивна мерка.
Од Службата за општи и заеднички работи на Владата информираат дека инцидентот се случил околу полноќ, по што веднаш било интервенирано, а екипите започнале со санирање на последиците.
Во меѓувреме биле активирани и агрегати, но целосното враќање на електричната енергија ќе биде можно откако ќе се отстрани влагата и ќе се провери безбедноста на електричните инсталации.
Според првичните проценки, за целосно нормализирање на состојбата во објектот ќе бидат потребни околу пет до шест дена.
